Груевски: Ќе градиме нов студентски дом

Владата донесе одлука за изградба на нов студентски дом во Скопје, со што ќе им се излезе во пресрет на многу студенти, најави премиерот Никола Груевски во интервју дадено вечерва за Сител телевизија.

- Ние како Влада интерно веќе имаме донесено одлука за изградба на нов студентски дом во Скопје. Постоечките студентски домови се од нас реновинарни. Изградени се и нови, нов комплекс во Гази Баба, а останатаите се реновираа темелно. Имавме одредени реновирања во „Кузман“, по нешто и во „Гоце Делчев“. Знам само дека за време на СДСМ камен на камен не се стави. Се што е реновирање или градба на нови домови е во овој период од кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт. Но, она што е клучно е дека планираме да почнеме подготовки за градба на нов студенстки дом во кој би се сместиле меѓу 500 и 1.000 лица, зависно од потребите. Размислуваме за локацијата каде ќе биде. Разгледуваме варијанти во Центар, Гази Баба, Ѓорче Петров, можеби и некоја четврта локација. Во наредните десетина дена би требало да ја одредиме точната локација, рече премиерот Груевски.

Тој додаде дека во моментов се размислува и дискутира за тоа да се најде начин да се забрза реновирањето на студенсткиот дом „Гоце Делчев“ што е согласно даденото ветување, а кое е во тек и се одвива по блокови, вели, за да не се иселат одеднаш сите студенти.

- Она што се реновира во моментот е блокот Б, бидејќи се оцени дека тој е во најлоша состојба. Завршено е реновирањето, а сега се внесува новиот мебел. За еден месец сите оние што се во блокот А ќе се вселат во блокот Б, за да почне реновирањето на блокот А. Остануваат уште два блока, за што ќе треба најмалку една година. Од тие причини бараме начини како да направиме да се забрза сето ова. Нашето ветување што беше дадено се оставрува, рече премиерот Груевски запрашан што се прави за подобрување на условите во студенсткиот дом „Гоце Делчев“.