Груевски: СДСМ прави се за да ја суспендира дијаспората, само затоа што не гласа за нив

Опозициската СДСМ сака по секоја цена да го суспендира гласањето на дијаспората, затоа што гласа за ВМРО-ДПМНЕ, оцени вечерва премиерот Никола Груевски.

- Она што по секоја цена сакаат да го направат е дијаспората да биде суспендирана. Зошто е тоа така? Тоа е затоа што дијаспората во најголем процент гласа за нас, за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е исто сега како јонаму каде што СДСМ победува почесто јас да барам такви услови за тие места, тие луѓе да не може да гласаат, односно нивниот глас да исчезне или да се суспендира гласањето. Еве, Заев не` победил во Струмица и сега ние да речеме Струмица нема да гласа, ќе и поставиме такви услови на Струмица да нивните гласови или не важат или да не се гласа сега во Струмица и сл. Значи, тоа е основата на проблемот. Да имаше СДСМ победа во дијаспората таа немаше да биде предмет на расправа. Луѓето се криви во дијаспората затоа што го поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, односно политиките на ВМРО-ДПМНЕ, рече премиерот Груевски во интервју за Сител телевизија запрашан за разговорите за изборниот законик и дијаспората.

Една од последните работи во разговори поврзана со дијаспората, додаде тој, е барањето да се утврди минимален број гласови за избор на еден пратеник во дијаспората, а тоа да е просекот од бројот на гласови во изборните единици во земјата по пратеник или околу 7.500 гласови.

- Сега што бараат најново е во дијаспората за еден пратеник да треба да има повеќе гласови на пример отколку во Шестата изборна единица во Македонија. Ако во Шестата изборна единица во Македонија се потребни 6.300 гласови за еден пратеник во дијаспората да треба на пример 7.500 гласа да има. Што значи дека дијаспората ќе треба со патување по илјада километри, по петстотини километри да освои повеќе гласови отколку во петтата или во шестата изборна единица за да оствари еден пратеник. Тоа е некоректно, тоа не е фер. Неискрени се кога велат дека тие не биле против дијаспората, дека тие сакале да гласа дијаспората. Всушност се прават дијаспората да не гласа. Тоа е само затоа што дијаспората не им ги поддржува нивните политики. Тоа се виде на претходните избори дека дијаспората во убедливо мнозинство ги поддржува политиките на ВМРО-ДПМНЕ и сега по секоја цена сака да се елиминира тоа, вели Груевски.