Груевски: СДСМ постојано пласираат невистини затоа што имаат демотивирано членство и знаат дека ќе загубат

СДСМ и неговото раководството се свесни дека ќе загубат на изборите и не им преостанува ништо друго, туку преку црна кампања, преку милион шпекулации на дневна основа да пласираат невистини и полувистини за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што имаат демотивирано членство, оцени вечерва премиерот Никола Груевски.

- Нема еден ден да нема десетици шпекулации на медиуми блиски до СДСМ и контролирани од СДСМ, портали итн. коишто пласираат лажни работи, невистини, полувистини. Тие најмногу се лепат, нешто малку вистина, двапати повеќе невистина па иди ти објасни се потоа. Зошто го прават тоа? Се соочуваат со силно демотивирано членство. кое чувствува дека ќе загуби и нормална е демотивацијата. Се обидуваат да им ја вратат надежта пуштајќи дезинформации за личности, за мене, за министрите, за други личности од ВМРО, за да создаде кај нас немир, да ги охрабрат нивните членови. Тие на некој начин сами себе си се храбрат, си се силат самите себе за некако да ги купат овие седум-осум месеци со надеж, со верба, да не излезат на избори попарени. Оти многу е лошо попарени во кампања, попарени после, на 24 април, вели Греувски во интервју за Сител Телевизија.

Тој упати апел до граѓаните со сериозна доза на резерва да ги читаат пласираните информации и да не подлегнуваат на дезинформации, туку да почекаат и да видат што ќе одговори другиот, за да ги споредат и проверат.

Премиерот Груевски рече и дека сеуште чекаат СДСМ да ги даде предлозите за министри и заменици што е обврска од договорот од Пржино.

- Еве го 11 октомври помина, утре е 12 октомври ние предлози не сме добиле. Па нека биде ова и еден апел побрзо да ги дадат предлозите за да може да имаме и ние време да ги разгледаме, да размислиме, да дискутираме и навремено да се усвојат, изјави премиерот Груевски.