Груевски: Лагите на Заев за посетата на Израел се срам за државата

Лагите на Заев од посетата на Израел се голем срам за нашата држава и за сите граѓани, но уште повеќе загрижува тоа што Заев си дозволува во една таква сериозна и значајна држава во светот да говори вакви лаги и вакви невистини, а претендира да биде претседател на Влада, изјави вечерва премиерот Никола Груевски.

Тој во интервју за Канал 5 телевизија, посочи дека се посомневал во вистинитоста на изјавите на Заев штом ги слушнал, но, вели, излезе со демант потпретседателот на Владата на државата Израел Силван Шалом.

- Заев дома е шеф на СДСМ - најголема опозициска партија, но во странство тој ја претставува Македонија и неговите гафови, грешки и лаги се брука за целата држава и за целиот народ. Јас лично се чувствувам многу непрјатно кога ќе ви се случи ваква ситуација да еден политичар кој претендира за премиерска позиција да замине во странство и на ваков начин да ја избрука држвата. Внимавајте, тој излезе од зградата на Владата и пред самата зграда за медиумите кажа невистини за тоа што разговарал со потпретседателот на Владата. И го доведе Израел во ситуација, веројатно по прв пат во историјата, да демантира дека разговарале за теми поврзани со безбедноста, со финансии или со какви било прашања од внатрешната политика на РМ, рече премиерот Груевски.

Тој истакна дека како премиер во иднина ќе мора да преземе чекори и да се извини на Израел со цел да се расчисти овој случај, бидејќи израелските власти биле доведени во многу непријатна ситуација.

- Јас не верувам дека некогаш досега им се случило такво нешто. Моите информации говорат дека после случката имале координација МНР, претставници на Мосад, бидејќи и тие беа спомнувани и таму немало никаква средба, а уште помалку разговори по овие прашања, како и претставници на Министерството за внатрешни работи, бидејќи прв пат се соочуваат со ваква работа. Примиле многу политичари, државници, претседатели на опозициски партии, но никогаш не им се случило човекот да дава јавна невистинита изјава, рече шефот на Владата.

Според него, уште позагрижувачко е што ако Заев си дозволува во една таква сериозна и значајна држава во светот да говори вакви лаги и невистини, вели, што ли да очекуваме ние во Македонија од него и како опозиционер, а претендира за претседател на Влада.

- Со овој потег тој покажува дека не е дозреан за градоначалник, а камоли за директор на некоја институција на државно ниво, за министер или уште помалку за претседател на Влада. Тоа е загрижувачи за сите нас, за граѓаните. Како утре секој граѓанин може да му верува за она што ќе го вети пред граѓаните, за она што ќе го каже  како став, кога излегува од состаноци со врвни луѓе на една пријателска држава за Македонија со која што со години градиме добри односи и ни има помогнато во многу ситуации на различни начини, кога во првиот наврат кога тој излегува вака во странство тој ја лаже сопствената јавност и тоа не во една прилика и што е најтрагично кога го фаќаат во лага, кога јавно државата Израел излегува со соопштение за да каже дека човекот лаже, тој не се извинува ниту на Израел ниту на граѓаните на Македонија туку продолжува да објаснува дека не бил добро разбран, вели премиерот Груевски.