Груевски: Со откажувањето од активната регистрација СДСМ си ја поншти тезата за наводни 150.000 гласови

Изненадување беше тоа што СДСМ се откажаа од активната регистрација на гласачите, која ја бараа, а која беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, изјави пемиерот Никола Груевски. 

- Ние ги поддржавме затоа што тоа беше еден од главните аргументи дека им биле украдени 150.000 гласови и дека главно биле украдени на ваков начин со гласање на непостоечки луѓе, кои не се тука или не живеат тука, рече премиерот Груевски во интервју за телевизијата Канал 5. 

Според него, тоа  говори дека главната нивна теза дека сме немале чесни избори била лажна, што покажува дека тие само ја измислиле. - Да беше навистина така, ние на изборите да имавме украдени не 150 илјади, туку 150 гласови да имавме на таков начин, бидете сигурен дека СДСМ немаше да се откаже од тоа, рече премиерот. 

Тој додаде дека како политичка партија имаат визија за земјата да стане што е можно побрзо членка на НАТО и ЕУ и дека прават се што е во нивна моќ  да ги елиминираат сите пречки и да дојдат  до тоа.

- Единствената визија на СДСМ независно што зборуваат е да дојде на власт. Ние освен тоа што, нормално, сакаме да ја задржиме довербата на граѓаните, водиме сметка и се бориме земјата да оди напред, да не оди назад, да не стагнира,  да се квалификува за влез во НАТО, да се квалификува за влез во ЕУ. Затоа попатно мораме да правиме и одредени компромиси што некогаш не се најидеални, но го трасираат нашиот пат кон нашата визија, кон еден поквалитетен живот на граѓаните во иднина, истакна премиерот Никола Груевски.