Груевски: СДСМ се свесни дека ќе ги загубат изборите и затоа ги кочат процесите

Доаѓањето на еврокомесарот Јоханес Хан е изнудено од СДСМ со вештачко блокирање на разговорите по неколку закони. СДСМ се свесни дека ќе ги изгубат изборите и затоа ги кочат процесите, оцени премиерот Никола Груевски.

- Овие закони за кои тој сега ќе дојде практично можевме самите да ги поминеме. Тие вештачки најдоа начин една стручна расправа, дебата меѓу јавните обвинители и преку други начини повторно да го блокираат процесот борејќи се ако може да се најде повторно начин да избегаат од изборите бидејќи сега тоа е  нивната главна цел. Тие се свесни дека ќе загубат на следните избори и за нив не се многу посакувани колку и да го говорат обратното, затоа што како што ние нарачуваме анкети за расположението на граѓаните така и тие го прават тоа. И тие се доволно свесни што ги очекува во април, вели премиерот Груевски во интервју за Канал 5 телевизија.

Втората причина, поради која СДСМ го блокира процесот, според премиерот, е за повторно да се во центарот на вниманието.

- Знаете кога доаѓа еврокомесарот Хан СДСМ доаѓа до израз на некој начин затоа што тие не можат во меѓувреме да дојдат до израз  со проекти, со идеи, со предлози за реформи, за подобрување на животот на граѓаните или со некоја конструктивна идеја. Тоа не е нивното главно поле на битка и тука губат од нас. Не се снаоѓаат, немаат доволни капацитети за да не победат на тоа поле. Нивната борба постојано ја пренесуваат на друго поле, на поле на деструкција, на кризи, на попречувања, па некој доаѓа да ни помогне. Тогаш тие доаѓаат до израз и повеќе се присутни во јавноста, вели шефот на Владата.

Тој смета дека еврокомесарот Хан кој доаѓа во понеделник во Скопје, ќе се обиде да го олесни процесот за навреме да се завршат работите кои следуваат, а тоа се законот поврзан со материјалите од нелегално прислушуваните и креирани разговори, законот поврзан со тн. „свиркачи“ и Законот за измени на Закон за Влада со кој треба да се овозможи влез во Владата на замениците министри и минстрите согласно догворот од Пржино. Груевски при тоа ја обвини опозициската СДСМ за манипулација.

- Јас до денес немам добиено предлог име ниту за министер, ниту за заменик министер во Владата од СДСМ иако минатиот викенд кога гостував на една од телевизиите јавно повикав на такво нешто. Обидот е да не стават во цајтнот, во последен момент, да нема многу време за размислување, за избор. Тоа е прилично груба манипулација не само со мене, туку и со целата јавност бидејќи тие ќе бидат министри на сите граѓани, а не само на Никола Груевски, рече премиерот Груевски.