Груевски го повика Спасовски да ја истражи аферата за 30.000 фалсификувани лични карти
Премиерот Никола Груевски денеска лично го повика министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да почне истрага за аферата со 30.000 фалсификувани лични карти што ја објави неделникот „Фокус“, откако неговата партија ВМРО-ДПМНЕ во изминатата недела го прозва првиот човек на полицијата да го расчисти овој случај.
- Неколку пати слушнав за таа приказна, а од неодамна повторно ја реактуелизираа приказната за наводни 30.000 фалсификувани лични карти. Сега имаме министер за внатрешни работи кој е генерален секретар на СДСМ. Јавно го повикувам министерот за внатрешни работи да го проучи сето тоа, да го истражи и да излезе со резултатите од истрагата, рече Груевски по посетата на Поликлиниката „Јане Сандански“.
Посочи дека и како политичка партија го повикале Спасовски пред една недела, но дека се уште нема резултат од истрагата.
- Еве, го повкувам во наредната една недела, две недели, да направи темелна истрага и да излезе со резултатите да видиме кој фалсификувал, дали фалсификувал, колку фалсификувал итн. Доколку навистина има такво нешто, да си сноси одговорност тој што тоа го правел. Доколку нема, СДСМ да и се извини на јавноста за тоа што ги лажела во сите изминати месеци и години дека имало наводни фалсификувани лични карти. Ќе ја следиме работата на министерот. Јас во својство на премиер го повикувам веднаш да пристапи кон истрага и се што ќе открие да даде на суд и даде на јавноста, додаде Груевски.