Наскоро Кол центар за комуникација со земјоделците

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за две недели ќе отвори Кол центар каде на повеќе телефонски линии претставници на институции од овој ресор ќе одговараат на повици од земјоделците и ќе им даваат информации и совети.

- Земјоделците на тој начин на едно место во Кол центарот ќе можат порационално и поефикасно да добиваат одговор. Ќе можат да постават прашања од различна природа, вклучувајќи и од аспект на корупција, барање за субвенции, проблеми од ветеринарна природа, земјишна политика... Така ќе може да одговориме побргу  со стручни лица за да може навреме да ги добиваат одговорите максимум во  рок од 24 часа, рече денеска на прес-конференција заменик-министерот за земјоделство  Ванчо Костадиновски.

Најави и дека тимови на Министерството ќе продолжат со посетите на терен со цел на средби со земјоделците директно да се запознаат со проблемите со кои се соочуваат и да одговарат на прашањата поврзани со програмите и мерките во земјоделскиот сектор. Во тек на двата циклуса со такви активности на терен што почнаа од август се посетени 206 населени места. По завршување на вториот циклус на 17 овој месец, се планира трет циклус со кој до крај на јануари треба да бидат посетени двојно повеќе места, односно над 400. Наместо по два ќе има по пет тима со вклучување на претставници  од повеќе институции, во надлежност на Министерството за земјоделство.

- Ова се две алатки кои што ќе не доближат поблиску до земјоделците и ќе можеме да бидеме во секојдневна комуникација со нив, рече Костадиновски.

Со досегашните посети, според Костадиновски, биле решени индивидуални и групни проблеми и е одговорено на барања на земјоделците. Како пример наведе  дека на барање на земјоделците во Кривогаштани од јануари во оваа општина ќе биде отворено подрачно одделение на Министерството за земјоделство, помогнато е да се надмине проблемот со откуп на пченица во Прилеп, во Ромосман да се легализираат овошни насади,... По средбите  во Чешиново Облешево каде е укажано на проблемите на оризопроизводите  заради вишоците на пазарот, пак,  уследила одлуката на Владата за дополнителна поддршка од по три денари за килограм ориз, што треба да биде достапна од следната недела. Тимовите за посета одговарале и на прашања за подготовка на апликации за користење на поддршката во рамки на Програмата за рурален развој, како и за прашања од водостопанската инфраструктура...