Груевски: Невработеноста се намали на 25,5 отсто, 13 отсто помалку од 2006
Овој квартал во Македонија се вработени речиси 12.000 луѓе. Трендот продолжува, а невработеноста се намали на 25,5 отсто што е намалување за речиси 13 отсто од периодот кога дојдовме во Владата, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
- Откако сме дојдени во Владата невработеноста се намалува. Овојпат откако светската и европската криза се зад нас имаме најголемо намалување во еден кваратал, а тоа е за 1,3 отсто. Вработени се речиси 12 илајди луѓе во само три месеци и тој тренд продолжува. Тоа е во месеците јули, август и септември и невработеноста е намалена за еден квартал од 26,8 на 25,5, а земено од периодот кога дојдовме на власт во 2006 година кога беше околу 38 отсто е намалена на 25,5 отсто, значи за речиси 13 отсто, рече Груевски, кој денеска беше во посета на Општина Кисела Вода.
Она што е уште поважно, а што најмногу ме радува, истакна тој, во времето кога дојдовме во Владата, Македонија броеше се на се 560 илјади вработени, а денес се вработени 711.000, значи 150.000 нови работни места за овој период.
- Тоа не се работни места за некој што отишол во пензија, ова се новоотворени работни места, околу 151.000 нови работни места. Тоа е огромен успех особено ако се земе предвид низ што се поминавме во овие години на глобална криза која траеше четири години и европска должничка криза која исто така траеше две - три години, рече премиерот.
Повеќе од две третини од периодот кога ВМРО-ДПМНЕ е во Владата, потенцираше тој, работеше и делуваше во услови на сериозни надворешни економски шокови.
- И во такви услови континуирано секој квартал невработеноста се намалуваше. Сега кога тие грижи се зад нас и политичката криза во Македонија од првата половина од годината се стабилизира, кога имаме чист терен на работа имаме 12.000 нови работни места во последниот квартал и таквото темпо продолжува. Мислам дека и наредната статистика што ќе излезе за овој квартал што сега тече - октомври, ноември, декември, ќе биде повторно со сериозно намалување затоа што она атмосферата во економијата во третиот квартал е и во четвртиот квартал дури, можеби и подобра, рече Груевски.