Груевски: Инвестициски циклус од 150 милиони евра во инфрструктура и 100 милиони во опрема во здравството

Во делот на здравствената инфраструктура во тек е инвестициски циклус со вредност од 150 милиони евра, во рамки на тој дел од инвестициите се комплетно реализирани, а дел се во тек.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски денеска на пуштањето во употреба на новиот објект на Инстиутот за белодробни заболувања кај децата - Козле.

Меѓу позначајните ги напомена новата Универзитеска клилника за гинекологија и акушерство пуштена во 2011 година, новиот Дијагностичко-ургентен центар во Клиничката болница - Тетово, реконструираната Општа болница во Охрид, реконструираната болница за белодробни заболувања и туберколоза „Јасеново“ во Велес, реконструираната поликлиника „Букурешт“, потоа ПЕТ Центарот кој е во завршна фаза и се очекува наскоро да биде пуштен, започнатата реконструкција на Клиничката болница во Битола, како и на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, а до крајот на годината ќе почнат градежните работи и за реконструкција на Општа болница Прилеп.

Во делот на набавка на нова медицинска опрема, премиерот рече дека досега се инвестирани над 100 милиони евра, со цел унапредување на квалитетот на здравствените услуги во сите делови на Република Македонија.

- Неодамна промовиравме два нови апарати за компјутерска томографија, еден на Универзитетската клиника за неврологија и еден во поликлината „Јане Сандански“. Дополнителни два компјутерски томографи се пристигнати и во претстојниот период ќе бидат инсталирани во Универзитетската клиника за детски болести и во „Св. Еразмо“, рече премиерот.

Тој додаде дека се спроведени група набавки на 6 мамографи во вредност од околу 40 милиони денари, кои веќе се пристигнати и се монтираат  во болниците во Штип, Куманово, Прилеп, Кочани, Велес и Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.

Информира дека дополнително во тек е постапка за набавка на нови мамографи и за Гевгелија, Радовиш, Кавадарци и Македонска Каменица.

- Со овие мамографи ќе се овозможи мамографскиот скрининг за рано откривање на карцином на дојка да се изведува на повеќе локации во државата, поблиску до женската популација, а со цел рано откривање и навремен третман на ова најчесто малигно заболување кај жените, рече премиерот.

Во обраќањето, посочи дека отпочната е набавка и на 12 нови амбулантни возила за Итната медицинска помош при Здравствениот дом Скопје.

- Значаен сегмент, како што рече, во кој контиунирано вложуваме е едукацијата на медицинскиот кадар. Од почетокот на проектот во 2012 година досега вкупно 2084 здравствени работници се едуцирани во врврни медицински центри во странство во голем број различни области, рече Груевски и додаде дека годинава е поставен таргет за 1000 здравствени работници кои се едуцираат во странство.