Груевски: Даночни осолободувања за развој на здравствениот туризам
Даночни осолободувања најмалку десет години кои ќе ги поттикнат инвеститорите да вложат во развој на здравствениот туризам, предвидува Владата.
За оваа цел, како што информира денеска премиерот Никола Груевски, изготвено е и законско решение.
- Со законот сакаме да мотивираме и охрабриме инвеститори кои се занимават со инвестиции во болници, клиники, во здравството, да инвестираат во овие слободни здравствени зони пред се заради создавање здравствен туризам, рече Груевски по пуштањето во употреба на новата катна гаража „Кресненско востание“ и плоштадот „Мајка Тереза“, во близина на објектот на Македонската опера и балет.
Согласно законот, инвеститорите ќе бидат ослободени десет години од плаќање данок на добивка, персонален данок на доход, како и од сите давачки за набавка на опрема, апарати, помошен медицински материјал, медицински помагала.
Законот, додаде Груевски, предвидува оној што ќе изгради клиника или болница во рамки на овие зони да биде ослободен од данок на добивка десет години, а исто толку години ќе биде ослободен од персонален данок на доход. Десет години ќе биде ослободен и од сите давачки за набавка на опрема, апарати, помошен медицински материјал, медицински помагала...
- На тој начин ќе му се даде дополнителна конкурентна ценовна предност во правец на тоа да развие здравствен туризам. Во Македонија и онака цените на здравствените услуги се далеку пониски од развиените западни држави. Но, со овие ослободувања дополнително се мотивираат потенцијалните инвеститори да изградат нови болници. Доколку изградат и универзитети во рамки на тие болници, односно медицински факултети, тогаш ослободувањето може да биде и до 15 години, рече Груевски.
За да не бидат нелојална конкуренција на веќе постоечките или идните приватни здравствени установи во Македонија, надвор од слободните здравствени зони, објасни премиерот, се предвидуваат и мерки со кои ќе се воедначат, нивелираат цените кога станува збор за домашни и пациенти од соседните земји.
Според Груевски, долго се работело на законот и биле консултирани различни експерти.
Доколку инвеститорот зема кадар кој е веќе вработен во постоечките здравствени установи во Македонија, за него ќе нема ослободување од персонален данок на доход за да се стимулира да се вработат повеќе невработени лекари, медицински сестри и друг медицински персонал. - Очекуваме при градбата на такви болници, освен домашниот медицински персонал, инвеститорот да донесе и персонал, во помал број, но сепак да донесе, врвни специјалисти од развиени држави кои ќе го пренесат своето знаење, искуство и вештини на оние кои ќе бидат вработени од Македонија и кои не стекнале такви вештини, додаде Груевски.
Премиерот оцени дека законот наредните години ќе придонесе за трансфер на нови знаења, технологии и вештини во здравството, вработувања и привлекување туристи.
- По донесувањето на законот Владата ќе направи нови активности за изнаоѓање локации за тие зони и привлекување инвеститори кои би влегле во една таква сложена операција во која ќе носат пациенти и здравствени туристи од други држави, рече Груевски.
Премиерот Никола Груевски додаде многу држави имаат високи достигнувања во делот на здравствениот туризам и изрази надеж дека и кај нас ќе добие сериозна димензија.