Нови 50 наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност’
Нови 50 наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ денеска беа промовирани во Порта „Македонија“ со што полека се заокружува овој Владин проект, кој опфаќа превод на вкупно 560 дела од светски познати автори.
Проектот започна во 2012 година кога беа промовирани првите наслови од оваа едиција, а до неговото завршување останува да бидат промовирани уште последните 37 дела.
Според премиерот Никола Груевски, кој заедно со министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска присуствуваше на промоцијата, овој проект е само еден од повеќето кои јасно ставаат на знаење дека во Македонија има луѓе кои знаат да сонуваат, планираат, дејствуваат и да веруваат во она што го замислиле.
- Некаде во 2009 и во 2010 година овој проект беше само во нашите мисли. 2011 година беше година во која почнаа подготовките, а во 2012 година веќе ја имавме и првата промоција на капиталниот проект „Ѕвезди на светската книжевност“. Денес на почетокот на 2016 година сме речиси на крајот на неговото заокружување, истакна Груевски.
Тој додаде дека многумина ќе речат дека ако целиот овој проект бил сведен само на 50-те тома кои денеска се промовираат, повторно би бил една исклучително вредна едиција затоа што меѓу новите наслови се најдобрите 10 до 20 книжевни дела на сите времиња.
- Се надевам дека ваквиот избор и ладното зимско време ќе бидат одлична комбинација многу од овие книги да се најдат во рацете на нашите читатели. Добрата книга може секој да го поведе на долги неистражени патувања, во некои други топли краишта, меѓу разни други народи, во разни други галаксии и секаде каде што човечкиот мозок преку книгата може да отпатува, нагласи Груевски.
Министерката за култура истакна дека со овој проект ги демонстрирале заложбите за создавање културен амбиент во Македонија во кој јасно се перцепираат вистинските вредности.
- Ѕвездите на светската книжевност се своевидна парадигма за надградба на нашите општествени хоризонти, можност да се запознае глобалната творечка естетика изразена низ разнообразни контексти, во различни временски периоди и во различни делови од светот, истакна Канческа – Милевска.
Главниот редактор академик Митко Маџунков посочи дека во оваа едиција има барем по една книга, која треба да ја отвори секој.
Направените книжевни преводи, според Маџунков, се најдоброто нешто што сме го имале и го имаме.