Обраќање за јавноста на премиерот Никола Груевски

 

Обраќање за јавноста на премиерот Никола Груевски, четврток, 14 јануари 2016

Posted by Nikola Gruevski on Thursday, January 14, 2016

Почитувани граѓани, драги пријатели,

Како што и самите знаете и чувствувате нашата земја предолго е заглавена во политичката криза.

Минатово лето четирите најголеми политички партии заедно со олеснувачите од меѓународната заедница склучија договор за да ја надминат кризата.

Не можам да не истакнам колку е важно да се остават проблемите зад нас за да може народот и државата да продолжат напред, да се отвораат нови работни места, да се градат училишта, инфраструктура, патишта, болници, субвенции, зголемување на плати, пензии, да продолжи силно растот на нашата економија. 

Сите партии потпишаа договор што треба да ја разреши и да ја заврши кризата.

Ние направивме многу компромиси. Дури бевме и критикувани дека премногу сме биле компромисни и премногу сме попуштиле. Ние тоа го правевме свесно и за доброто на државата.

СДСМ доби двајца министри со ресор и три дополнителни заменици министри. Нашата обврска беше исполнета во целост.

Се одбра специјален обвинител со целосни услови за непречено да работи. Нашата обврска беше исполнета во целост.

Беше одбран составот на Државната изборна комисија каде опозицијата има своја доминација и секретар и претседател од своите редови. Нашата обврска беше целосно исполнета.

Изборниот закон беше променет согласно барањата на опозицијата, а со посредство на меѓународната заедница. Нашата обврска беше исполнета.

Изборите треба да се закажат за 24-ти април.

Сега е време да се исполни оваа обврска.

За жал неодамнешните изјави од страна на СДСМ фрлаат сенка врз овој дел од договорот. Ова е јасна замка за да се држи нашата земја во заложништво, да се држи во криза, конфликтност и да се оспори правото на народот да ги одбира луѓето кои мисли дека треба да ја предводат државата.

Јас сум против ова кочење и против ваквото држење во заложништво на целата држава.

Договорот исто така опфаќа и времено повлекување на Премиерот на 100 дена пред изборите. Навршуваат 100-те дена пред 24ти април, денот за кој е договорено да се одржат избори и тоа е влезено во закон.

Јас стојам и зад тој дел од договорот. Сакам конечно да се остави сета неизвесност, проблеми, конфликтност зад нас и сакам нашата држава да оди напред и да продолжи силно да се развива.

Утре изутрина до Претседателот на Собранието на Република Македонија ќе го испратам моето писмо со оставка на функцијата Претседател на Владата, која ќе биде ефективна на 100 дена пред официјалниот датум на избори.

Што значи ова за нашата држава?

Прво, оваа оставка ја покажува силата на нашето убедување и верба во демократијата.

Најдобрата победа над оваа валкана кампања против Македонија водена преку најразлични методи изминатава година и пол се чисти избори кои нема да дадат никаков изговор никому. Такви беа изборите со кои освоивме огромна победа, огромна ќе биде победата заедно со вас и на следните избори, но овојпат одиме со вакви потези и чекор понатаму убедени дека ова што го правиме е за доброто на државата и на народот.

Македонија мора да оди напред и ние заедно со народот ќе се избориме за тоа!

Почитувани граѓани,

Мојата партија и јас лично се држиме до овој договор затоа што стоиме до вас, се потпираме на вас, веруваме во вас. Ваше и единствено ваше е правото да одберете кој ќе ја води оваа држава.

Вие, народот на Македонија сте нашата главна потпора и јас ова го правам за вас, затоа што верувам во вас и во вашата одлука и проценка. Вие се знаете и на вас се ви е јасно. Никој не смее да ве потценува. Вие ќе го кажете вашето мислење на следните избори јасно и децидно и тоа ќе биде громогласно и убедливо.

Второ, следните избори треба да означат еден нов почеток. Месеци на политичка криза и вознемирувачки случувања, шпионажи, безбедносни и економски предизвици ќе бидат зад нас. Месеци на кавги, поделби, гнев, агонија, обиди за економски, политички, па и безбедносен колапс на Македонија. Но, ние истрајавме заедно со вас, и ќе победиме заедно со вас!

Јас на следните избори нема да губам време да се враќаме на старите политички препукувања и сплетки на опозицијата.

Јас имам големи планови и сериозни платформи за државната економија, раст и развој, за опстојување на патот за отворање на нови работни места и инвестиции во сите области.

Ќе презентирам детална програма за да се постигнат очекувањата кои ги имате од нас. И може да сметате на мене дека ќе го исполнам ветеното. Јас држам до мојот збор.

Другите може да се вплеткуваат во политика на лична деструкција. Во деструктивни и непродуктивни сценарија. Но, мојата програма е за тебе. За твоето семејство. За твојата работа. Твоите приходи и плати. И за изградбата на нашата земја како место во кое ќе може да се гледаат вашите надежи и соништа. 

И конечно. Овој потег ја одбележува нашата заложба да се средуваат работите, да се опстојува на зборот. И вие имате право да го очекувате тоа од луѓето во политиката – посветено и верно да го исполнат тоа што го ветиле и што вие сте го побарале преку вашиот глас.

Изборите на 24-ти април ќе го оттргнат облакот на неизвеснот и ќе го заменат со нов и силен мандат. Со нов ветар во грб, кога сета оваа агонија која ја создадоа ќе биде зад нас, и ќе докажеме на сите дека Македонија е силна и отпорна, и дека никој не смее да го потценува нашиот народ, дека знае што сака и знае кого и зошто го поддржува. Тогаш Владата ќе ја води оваа држава напред во изградба на нашата економија и подобрување на стандардите и условите.

Мои почитувани сограѓани, денес правам важен чекор заради мојата верба во вас.

Со нетрпение ги чекам сите идни разговори со вас на терен, затоа што тоа е мојот план, да бидам постојано со вас и да разговараме и да се договараме за заедничката иднина на нашата татковина. Ќе споделуваме идеи и планови, проекти, мерки, чекори и мислења како да се подобриме и што дополнително да направиме. Заеднички ќе обзнаниме една нова ера на визија, на акција и на резултати.

Денес Македонија им докажува на сите дека верува во себе и знае што прави, и се бори за себе и својата подобра иднина и нема да дозволи никој да си игра со тоа!

Јас верувам во вас и верувам во Македонија! Знам дека и вие верувате!

Одиме напред! Заедно, рамо до рамо, секој ден до денот на изборите кога повторно ќе застанеме цврсто и со гордо крената глава ќе кажеме – успеавме – Македонија успеа и ние сме дел од таа голема победа!

Ви благодарам.