Бизнис форум: Има потенцијал за поголема соработка со Белгија

Индустријата, градежништвото, текстилот, земјоделството и услугите се потенцијалните сектори во кои македонската и белгиската економија можат да остварат долгорочна соработка.

Денеска над 40 компании од двете земји во Скопје преку директни средби имаат шанса да разменат искуства и идеи и да разговараат за идна соработка.

Форумот е во организација на Министерството за финансии, а учествуваат претставница на Федерацијата на белгиски комори, Стопанската комора на Антверпен, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори, како и Стопанската комора на северозападна Македонија.

- Самиот факт што форумот се одвива во времиња кога политичките турбуленции во Република Македонија се изразени е уште позначителен бидејќи покажува дека фокусот во секое време треба да остане на економијата, бидејќи само преку економијата можеме да креираме подобар живот на граѓаните на нашата земја и на двете земји и да ја развиеме долгорочно соработката меѓу Македонија и Белгија, истакна на бизнис форумот вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Тој додаде дека македонско-белгиската соработка на економски план последниве години бележи нагорен тренд, дека во последните 10 години е двојно зголемена трговската размена која минатата година изнесуваше 197 милиони евра. Особено, како што рече, по влегувањето по влекувањето на Ван хол кој вчера отвори втора фабрика и кој соработува со над 300 македонски компании. Ставрески додаде оти потенцијалот за соработка е многу поголем и дека треба целосно да биде искористен.

- Постојат повеќе сектори што би можеле да бидат од интерес за белгиските инвеститори. Искуството од минатото покажува дека постојат добри услови за развој на индустријата за производство на автомобилски делови и електронски компоненти. Ван Хул ги искористи овие можности и денес произведува и извезува од Македонија меѓу 600 и 700 автобуси годишно, рече Ставрески и додаде дека поради поволната географска клима има голем потенцијал за земјоделство производство, произвдоство на храна и цвеќиња, текстилната индустрија која се докажа како доверлив партнер со традиција. Потенцијал, како што рече, има и соработката со тур-операторите за организирање посети на најпопуларните македонски туристички дестинации културни знаменитости и природни убавини, а значаен потенцијал има и во ИТ индустријата, градежништвото и други сектори. 

Гувернерот на Антверпен Кети Беркс потенцира дека Македонија и Белгија имаат многу заеднички работи и дека тоа е добра вест и додаде оти Македонија последните години ги засили своите напори за привлекување странски инвестиции и благодарение на тоа присутни се белгиски компании во земјава што докажува дека Македонија го привлече нивното внимание.

Посочи дека Белгија како мала земја е глобално ориентирана за да може да опстои. Карактеристика за белгиската економија е што е доминатна услужната дејност, односно од вкупниот БДП 77 проценти е од услуги, а 22 проценти од индустријата во која доминираат хемиската, текстилната, нафтената, финансиската, хемиската, автомобилската...

Реформите кои Македонија ги направи последниве 10 години ги поздрави и Џон Ступ, претседател на Федерацијата на белгиски комори, кој рече дека тој процес продолжува и дека патот на просперитет е веќе поплочен. Според него, претстои возбудлива иднина на Македонија.

- Најдоброто што може да го направите е да инвестирате во други земји каде ви се нудат поволни услови. Првата причина да инвестирате во некоја земја е добра работна сила, добра деловна клима, како и ослободување од даноци за работењето во слободните економски зони, рече Ступ.

Тој додаде дека во Македонија е од вчера и се чувствува сигурно. - Првпат сум во Македонија. Политиката треба да и помогне на деловната заедница, а деловните луѓе да бидат тука и да имаат можности да се развиваат, да создаваат и да плаќаат даноци.  Но прва задача на политичарите е да разберат што се се случува, рече Ступ и додаде дека треба да се дојде на самото место, бидејќи кога сте илјадници километри подалеку не секогаш сте добро информирани што се случува на теренот.