Министерот Димовски се сретна со американскиот амбасадор Волерс

Билатералната соработка во аграрот, развојните програми и трговската размена беа дел од темите на кои денеска разговараа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс.

Кохран програмата обезбедува обуки во САД за експерти, државни службеници и стопанственици кои работат во областа на земјоделската политика и трговија, агробизнисот, во процесот на управување, земјоделската и ветеринарната наука, советодавните служби, маркетингот на земјоделските производи.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, целите на програмата се обезбедување поддршка во развојот на земјоделскиот систем, исполнувајќи ги потребите и стандардите за храна, како и јакнење на трговските врски меѓу земјите во САД. Секоја година по пат на селекција се избираат 5-6 лица, од МЗШВ, Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултетот за земјоделски науки и храна и од приватниот сектор. Тие престојуваат во САД 2-3 недели.

Програмата е многу корисна од аспект на запознавање со американската правна рамка и институционална структура на земјоделскиот и руралниот систем, трговскиот режим со земјоделско – прехранбени производи во рамки на СТО и други меѓународни институции, воспоставените врски меѓу владините тела, советодавно служби и земјоделците.

Проектот АгБиз што се спроведува преку УСАИД ги обединува винарските визби и производителите на грозје. Идејата е да се зголеми развојот пред се на земјоделството, преку проширување на еколошко одржливо производство и продажба на земјоделски производи со додадена вредност, овозможувајќи им на производителите и преработувачите да бидат конкурентни на регионалните и глобалните пазари.

Преку АгБиз треба да се обезбедат поголеми приходи на земјоделските производители и преработувачите, а со тоа и поголем приход за државата.

На средбата беше нагласено дека со развивање ефикасни системи за поддршка на земјоделските производители и со зајакнување на врските меѓу производителите, преработувачите и трговците, АгБиз им овозможува на агробизнисите да ги лоцираат и да ги исполнат барањата на пазарот. Во рамките на АгБиз е компонентата Управување и спроведување на Фондот за посебни намени за зајакнување на капацитетите за стратешко планирање и креирање на политиките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерот Димовски го информира амбасадорот Волерс за стратешките земјоделски производи. Особено се осврна на винското грозје и виното од кое оваа година се извезени 120 милиони литри. Тоа, нагласи, во услови на криза е одличен резултат и најдобар во последните неколку години.

- Градинарството и овоштарството се исто така гранки кои бележат поголемо производство и извоз благодарение на достигнувањето на стандардите за квалитет пропишани од ЕУ. Сточарството, посебно овчарството, кое како гранка имаше пад до пред 4-5 години, веќе има пораст поради извозот на младо јагне, посочи министерот.

Според него, имајќи го предвид интересот на Македонија за унапредување на соработката со САД во областа на земјоделството, се наметнува потребата од унапредување на односите преку привлекување инвеститори или формирање мешовити компании во секторите органско производство, раноградинарство, сточарство и месни преработки, лозаро - овоштарство, преработки на овошје и зеленчук, како и организирање саеми, бизнис форуми и презентации со цел интензивен маркетинг на македонските земјоделски производи.

Ова се многу значајни прашања на кои, напомена амбасадорот Волерс, треба да се работи.

Во периодот 2010-2011 година трговската размена со земјоделско-прехранбени производи меѓу двете земји бележи позитивни движења. Македонија во САД извезува главно тутун, вино, сирење и кашкавал.