ЕУ институционална средба со Министерството за информатичко општество
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Арбр Адеми и заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи Никола Попоски денеска одржаа работен ЕУ координативен состанок со министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), посебен фокус бил ставен на активностите во делот на реформата на јавна администрација и слободата на изразување и медиумите.
Се дискутирале и активностите во надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација, а се поврзани со процесот на европска интеграција, итните реформски приоритети, како и статусот на релевантните проекти финансирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
Според СЕП, состанокот се одржал во рамки на циклусот ЕУ институционални средби, чија цел е да се обезбеди дополнителна координација на реформите во процесот на европската интеграција.
Средбите ќе продолжат и со други релевантни институции.