Премиерот Груевски се обрати на манифестацијата по повод Денот на наставата на турски јазик

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски попладнево се обрати на манифестацијата по повод 21 декември - Денот на наставата на турски јазик, што се одржа во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Во своето обраќање пред полната сала, премиерот изрази големо задоволство што петта година, традиционално се обраќа на овој собир посветен на празникот на турската заедница.

- Драго ми е што гледам дека оваа манифестација од година в година е се помасовна и поорганизирана, што јасно говори за прифатеноста на празникот во Република Македонија и исправноста на одлуката донесена пред 5 години да го прогласиме денешниот ден за неработен и за празник на турската заедница во Македонија, рече Груевски.

Мајчиниот јазик, посочи премиерот, отсекогаш претставувал значајна одлика на националната мисла и креатор на душата на една нација. Потенцираше оти преку јазикот се изразувале националните и културни особености и се одржувале чувствата на идентитет и солидарност.

- Јазичните вредности што ги создава еден народ во денешно време се несомнено дел од културниот плурализам, како во Македонија, така и на светско ниво. Овој ден за Вас, но и за за нашето општество, кое е сплет на култури и религии претставува наше богатсво, рече Груевски.

Премиерот нагласи дека со можноста која ја имаат турската, но и останатите заедници во земјата да се образовуват и говорат на својот мајчин јазик се унапредуваат вредностите и се моделира демократски концепт, кој е доста почитуван во светски рамки.

Во обраќањето пред присутните, македонскиот премиер ја истакна одличната соработка на сите полиња меѓу Република Македонија и Република Турција и ги потенцираше проектите од изминатата година во културата и културното наследство, а поврзани со турската заедница во земјата.

Груевски најави брза завршница на почнатите проекти, меѓу кои и почетокот на изградбата на новиот Турскиот театар, а ги посочи и реализираните проекти во образованието.

- Забележавме и одлична соработка во полето на економијата, што резултираше со почеток на повеќе турски инвестиции, меѓу кои модернизацијата на аеродромите во Скопје и Охрид под концесија на турски ТАВ, изградбата и отворањето на специјализираната очна болница во населбата Ѓорче Петров, како и повеќе други проекти. Неодамна на јавно наддавање продадена е локација за изградба на хотел покрај реката Вардар под Скопското Кале, исто така турска инвестиција. Сето ова јасно говори за силните пријателски односи меѓу двете земји, но и за намерата за нивно продлабочување. Во иднина ќе продолжиме заеднички да работиме на севкупниот прогрес на државата на сите полиња, додаде Груевски.

На манифестацијата се обрати и министерот за образование и наука Панче Кралев кој рече дека јазикот претставува еден од најважните елементи во создавањето на нацијата, кој освен како средство за пренесување на мислата, е спој на чувствата и идеите на еден народ.

- Во таа насока, МОН веќе неколку години тесно соработува со Сојузот на турски невладини организации и со Комисијата за образование која функционира во рамки на овој сојуз. Како пример, може да се набројат отворањето на неколку нови паралелки на турски јазик во основно и средно образование, а исто така и заеднички преземени напори во делот на издавање учебници на турски јазик за средно гимназиско и средно стручно образование, истакна Кралев.

Министерот најави дека МОН ќе продожи да води посебна грижа за припадниците на турската заедница во Македонија, што ќе придонесе за поквалитетно образование на сите етнички заедници.

На одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик присуствуваа и претставници од турските политички партии и турската заедница во Република Македонија, како и министри и пратеници од македонското Собрание.