Проценети над 3.500 домови во поплавените подрачја
Четириесет тимови за проценка на штетата веќе се на терен. Досега се посетени 3.500 домови, а 15 тимови за проценка на земјоделските поседи досега имаат посетено околу 800 парцели и е извршена проценката.
Ова го истакна премиерот Емил Димитриев при денешната посета на Црешево.
- Со оглед на бројот на оштетени домаќинства, овој пат проценката оди многу, многу побрзо од кога било претходно. Досега се проценети над 3.500 објекти. Четириесет тимови одат за проценка на куќи, 15 тимови се за земјоделски површини. Задоволен сум од темпото со кое оди проценката, рече Димитриев.
Најави дека наскоро ќе почне во оштетените подрачја да оди Комисијата за проценка на автомобили и земјоделска механизација.
Премиерот информираше дека Владата во сетот мерки за справување со последиците од поплавите донесе одлука бесплатно да се прави анализа на земјоделското земјиште.
- Пред три години е направена проценка на земјиштето со кој квалитет е, а сега правиме проценка дали временските непогоди нанеле штета и како тоа ќе влијае на квалитетот на земјиштето. Експертите треба да ја согледаат состојбата и да кажат на кој начин да се санира за да можат луѓето да продолжат со своите активности во делот на земјоделството, посочи Димитриев и нагласи дека најголем дел од луѓето од погодените подрачја егзистирале од земјоделство.
Тој нагласи дека тимовите многу брзо си ја вршат својата работа и наскоро се очекува да почне исплатата на штетата.
Жителите на Црешево изразија задоволство од начинот на кој институциите им помагаат да се справат со последиците од невремето, а претседателот на месната заедница информира дека се исчистени во околината околу 14 километри патишта, испумпана е водата од сите куќи, исчистени се канали во должина од 1.100 метри, исчистени се речни корита во должина од 1.500 метри, исчистени се и сите 18 поплавени дворови и куќи од ѓубре, тиња и отпад, исфрлени се 190 камиони со шут и кал. Исечени и отстранети се седум опасни дрвја, исчистени се две септички јами, санирани се 120 метри свлечишта и дезинфицирани се сите куќи во селото, а од шут и кал се исчистени две игралишта.
Премиерот Димитриев им вети на жителите дека се што им е оштетено ќе биде надоместено и им посочи додека е тука механизацијата во селото да се обратат до координаторите за сите проблеми да им се решат.