Попоски: Соседите и регионалната соработка во фокусот на Амбасадорскиот совет
Во Министерството за надворешни работи од денеска до 26 август се одржува редовен работен состанок на шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во чиј фокус ќе бидат соседството и регионалната соработка, како и економската дипломатија.
Заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи Никола Попоски пред отворањето посочи дека состанокот годинава се случува во услови на поширока политичка и безбедносна комплексна ситуација, обременета со внатрешно-политички предизвици со кои се соочуваме и во услови на една одложена мигрантска криза.
- Фокусот во овие услови е ставен на соседството и на регионалната соработка. Ние немаме побитни односи од оние со нашите соседи. Сметам дека Македонија била и ќе биде посакуван сосед и во добро и во зло, изјави Попоски.
Посочи дека членството во ЕУ и НАТО остануваат наша стратешка насока и во согласност со тоа се сите наши надворешни политички чекори.
- Во следниот период ќе треба да ги удвоиме напорите со оглед на предизвиците со кои се соочуваат на двата фронта, во ЕУ по „брегзит“ и во НАТО по повеќегодишната препрека во поглед на членството во Алијансата, рече Попоски.
Економската промоција, продолжи тој, останува еден од најбитните приоритети бидејќи е најблиска со потребите на граѓаните на Македонија, а тоа е потребата од зголемено присуство на странски инвестиции, креирање на работни места и со тоа подобрување на животниот стандард.
На состанокот, како што брифираат од МНР, покрај теми од тековното работење на МНР и Дипломатско-конзуларните претставништва, ќе се говори и за теми од национално, регионално и глобално значење, на кои ќе се обратат гости од земјата и странство.
Првиот ден од Амбасадорскиот совет е посветен на теми како бегалската и мигранстаката криза, безбедносните закани и борбата против тероризмот, состојбите во Турција и Блискиот Исток и состојбата во Сирија. Пред амбасадорите свое обраќање ќе имаат Претседателот на Владата Емил Димитриев на тема ЕУ и НАТО интеграции и Претседателот на Собранието Трајко Вељановски. Предвидено е свое обраќање да имаат и Министерот за внатрешни работи Митко Чавков и директорот на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев.
На вториот ден од состанокот ќе се разговара за евроатлантските интеграции, односите НАТО-Русија, изборите во САД и како тоа ќе влијае на нашата држава. Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас ќе ја води сесијата „The future of Europe and the Balkans in need“. На крајот од вториот ден обраќање ќе има и Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.
Третиот ден ќе се разговара за „брегзит“ и ефектите за Македонија и ЕУ, Југоисточна Европа и економската дипломатија.
На Амбасадорскиот совет во МНР ќе присуствуваат околу 50 вршители на високи функции во дипломатско-конзуларните претставништва.