Средба на вицепремиерката Арифи со американскиот амбасадор Волерс

Пресудата на Меѓународниот суд во Хаг дека Грција ја прекршила Времената спогодба може да биде нов импулс во решавање на спорот за името, за што е потребна волја од двете страни, оценија по денешната средба американскиот амбасадор во Република Македонија Пол Волерс и вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи,  одржана по нејзината посета на САД каде се сретна со високи претставници на Белата куќа и со американскиот државен секретар Хилари Клинтон.

- Го поддржуваме процесот што за ова прашање се води во Обединетите нации. Пресудата во Хаг може да даде нова енергија за придвижување на овој процес. Никогаш нема да поддржиме прекин на разговорите за прашањето на името. Нашата позиција е дека двете страни треба да вложат напори за да се реши ова прашање, истакна американскиот амбасадор.

Вицепремиерката Арифи истакна дека САД не и поставиле рок во кој Македонија би требало да го реши спорот со Грција, туку само препорака дека тој треба да биде надминат.

- Не добивме временски рок, туку ни беше кажано дека треба да дадеме придонес за да се надмине спорот со името, особено по пресудата во Хаг. Таа може да биде нов поттик заедно со Грција да постигнеме решение за побрзо да се движиме во евроатлантските процеси, во што американската администрација е спремна да не поддржи, истакна вицепремиерката за евроинтеграции.

Таа додаде оти на средбите што ги имала во САД посочила дека за Македонија е многу важно членството во НАТО, како и можноста тоа да биде реализирано пред да се постигне решение за името.

- Кажавме дека за нас многу е битно членството во НАТО и дека тоа ни е апсолутно висок приоритет, како и дека сме заинтересирани да станеме членка па да продолжиме со процесот за името, но исто така за тоа треба да има волја од двете страни, истакна Арифи.

Таа информираше дека средбата што кон крајот на декември требаше да ја има со грчкиот вицепремиер Теодорс Пангалос е одложена за почетoкот на наредната година, на барање на грчката страна.

- Бевме коректно известени и беше побарано од нас таа средба да се одржи во почетоците на наредната година. За ова ги информирав и партнерите во Вашингтон. Во информацијата што ја добив беше укажано дека останува интересот да се одржи средбата, но оти бараат малку повеќе време за припреми. Се надевам дека таа средба нема да остане само на хартија, туку ќе се оствари, рече Арифи, додавајќи притоа дека тоа ќе биде голем сигнал кој ќе покаже оти двете страни се заинтересирани да се реши овој спор.