Попоски: Интеграцијата во ЕУ најдобра гаранција за стабилен Балкан
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски во Виена оствари средба со австрискиот министер за надворешни работи и актуелен претседавач со ОБСЕ, Себастијан Курц. Министрите разговараа за регионалната стабилност и потребата од интегрирање во ЕУ како најдобра гаранција за развој на Балканот.
„Што и да се случува во регионот, какви и да се предизвиците, доколку членството во ЕУ изгледа достижно, тоа ќе ги стабилизира сите земји, а ќе ги релаксира и предизвиците внатре во Унијата. Мигрантската криза, геополитичките поместувања, заканите од радикализам и тероризам и глобалната конкурентност се само најсвежи примери за тоа дека делиме исти интереси. Единствено логично е да бараме обединување околу една кауза: да сме дел од ЕУ и од заедничкиот пазар е веројатно наједноставната гаранција за мир и развој во Македонија и Регионот“, истакна министерот Попоски по средбата.
Средбата се одржа за време на посетата на ЗПВРМ и МНР Никола Попоски на Виена, за време на која се обрати на седница на Постојаниот совет на ОБСЕ.