Премиерот Заев кон граѓаните и енергетската заедница: Владата силно ќе се насочи кон поевтина струја и развој на домашните енергетски капацитети!

Почитувани присутни, претседателке на Инженерската институција на Македонија којашто е организатор на оваа Конференција, претставници на амбасадата на САД, госпоѓо заменик амбасадор, претставници на енргетските компании во Македонија, на академската јавност, на невладиниот сектор, почитувани граѓани и претставници на медиумите,

Ова за мене е прв работен ден, прво мое обраќање и прв чекор што го правам и замислете, со жените, на тема енергетика. Се надевам дека и мојата работа ќе биде убава, паметна, успешна и продуктивна, како што ни се жените во Македонија. Навистина, денеска сме на една важна тема и би сакал да дадам свој осврт, точно на тема каде што жените треба да бидат дополнително мотивирани за нивна партиципација севкупно во општеството, но и во овој важен сектор како енергетиката. Новата реформска Влада ќе даде шанса на жените енергетичари и ќе го развиваме енергетскиот сектор, на начин што ќе целиме кон намалување на цената на електричната енергија за граѓаните и домаќинствата, успешно работење на енергетските компании и економски раст во интерес на Република Македонија.

На енергетските политики на коишто се обврзавме, активно работеа и жени од ФЕИТ, од ЕВН, од БЕГ, од Регулаторна комисија за енергетика, преку Комисијата за енергетика на партијата од која што доаѓам, којашто ги интегрираше искуствата на голем дел од енергетската експертска јавност во Македонија, во она зад што денеска стоиме како Програма на новата Влада.

Тука сум да ви кажам дека отвораме можност повторно заедно да ги реализираме зацртаните цели.

Како човек кој доаѓа од демократска средина, каде се негуваат и почитуваат рамноправност и еднакви шанси, знам дека тоа што сите `не спојува е професионализмот преку кој што можеме тоа да го направиме во оваа значајна област за граѓаните и за економијата во државата.

Енергетиката е меѓу водечките сили на економијата во една држава. Со обезбедена енергетска сигурност и безбедност, се обезбедува сигурен раст на економијата и на општеството.

Во наредниот период Владата на Република Македонија силно ќе се насочи кон обезбедување енергетска сигурност и независност. Ќе ставиме посебен акцент на обновливите извори на енергија. Сонцето, симболот на нашата земја, ќе биде извор на енергија за секое домаќинство.

Ќе го зголемиме домашното производство на струја. Ќе вложиме во развој на домашните енергетски капацитети и ќе изградиме нови, со цел да го намалиме скапиот увоз на струја.

Ќе ја вратиме евтината тарифа на струјата, но за поевтина струја ќе направиме и низа  други стратешки чекори.

Ќе обезбедиме енергетска ефикасност.

Ќе обезбедиме слободен пазар на електрична енергија согласно европските директиви.

Ќе го донесеме и гасот до секое домаќинство како поевтин и еколошки енергенс.

На овој начин ќе отвориме и нови работни места во енергетиката.

Ова се клучните чекори што ќе ги направиме во енергетиката, за да им овозможиме на граѓаните поевтина струја и стабилно снабдување со електрична енергија, како и стабилна економска клима за функционирање на енергетските компании.

За да го оствариме ова, ќе биде потребен ангажман од сите. Вашите искуства се и ќе бидат драгоцени за развојот на енергетиката во Македонија.

Следејќи ги европските вредности и уставните начела за рамноправност на жените во општеството, Владата на Република Македонија ќе се стреми за поголема застапеност на жените на водечките позиции во енергетиката воопшто.

Денес во светски рамки се зборува и истражува многу за родовите прашања и се повеќе студии потврдуваат дека со вклучувањето на жените, компаниите стануваат поетички, корпоративно управувани и имаат подобри економски резултати. Овие практики треба да се поддржат и јас како премиер со моето присуство денеска овде сакам тоа и да го потврдам.

Познавам многу жени енергетичари, докажани маркетинг менаџери, комерцијални менаџери, политичари, кои работат по компаниите и фирмите, невработени, кои сум убеден дека можат да дадат голем придонес во развојот на енергетиката и ќе дадеме шанса да се вклучат во развојот на енергетскиот сектор.

Ја поздравувам оваа меѓународна конференција која што за прв пат се организира во нашиот регион и чест ми е што сум денеска тука со вас.

Уверен сум дека Конференцијата ќе поттикне вклучување на младите девојки во овој сектор. Ќе помогне при донесувањето одлуки кај работодавците и сопствениците на компании при изборот на нивните раководни тимови, затоа што жените се добри лидери.

Квалитет и напредок има само ако ги срушиме предрасудите, бариерите и стереотипите за различностите по која било основа, па и по родовата.

Посакувам успешна работа во текот на Конференцијата и уверен сум дека ќе има плодни дискусии и резултати.

Благодарам.