Владата ја одржа првата седница: Формирани се работните тела, министрите се обврзаа на ефикасна работа посветена на граѓанските и државните интереси

 

Владата на Република Македонија денеска ја одржа првата седница.

На седницата е изразена заедничка согласност за посветена и ефикасна работа на членовите на Владата, во интерес на потребите на граѓаните и на државните интереси на Република Македонија, низ добра соработка и меѓусебно почитување.

На денешната седница, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев определи петмина заменици, и тоа:

  • Радмила Шекеринска Јанковска, за заменичка на претседателот на Владата и министерка за одбрана;
  • Оливер Спасовски, за заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи;
  • Бујар Османи, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања;
  • Кочо Анѓушев, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори;
  • Хазби Лика, министер без ресор, за заменик на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.

Од редот на министрите без ресор, претседателот на Владата ги определи:

  • Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност;
  • Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора;
  • Андан Ќахил, министер без ресор задолжен за странски инвестиции;
  • Самка Ибраимовски, министер без ресор, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија;
  • Зоран Шапуриќ, министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија;
  • Зорица Апостоловска, министерка без ресор задолжена за странски инвестиции;
  • Рамиз Мерко, министер без ресор задолжен за странски инвестиции.

На денешната владина седница за генерален секретар на Владата на Република Македонија е именуван Драги Рашковски.

На седницата на Владата на Република Македонија формирани се основните комисии на Владата и тоа:

  • Комисијата за економски систем и тековна економска политика;
  • Комисијата за политички систем;
  • Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој.

На владината седница се формирани и посебните комисии на Владата, и тоа:

  • Комисијата за именување;
  • Комисијата за станбени прашања;
  • Комисијата за приватизација.

На седницата на Владата е формиран и Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чијшто раководител е Оливер Спасовски, заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи.