Во интервјуто за српскиот неделник Нови Магазин, премиерот Зоран Заев истакнува дека Владата на Република Македонија и парламентарното мнозинство цврсто се определени да спроведат значајни реформски процеси со цел подобрување на стандардот на граѓаните и да ја внесат Македонија во ЕУ и НАТО.
„Новата Влада ќе работи посветено на реформите што ги најавивме за да обезбедиме квалитетен живот за граѓаните на Македонија и да ги отвориме перспективите во ЕУ и НАТО. Нема поважни цели од овие за граѓаните, без разлика на нивната политичка или каква било друга припадност, како што нема поважна стратешка цел на државата од евроатлантските интеграции“, вели премиерот Заев.
Запрашан за приоритетите од Програмата на Владата и редоследот на нејзиното спроведување, претседателот на Владата истакна дека во најголем дел таа се темели на економијата. Над 180.000 луѓе живеат со по 40 денари на ден. Над 500.000 граѓани живеат под работ на сиромаштија.
„Минималната плата ќе ја зголемиме на 12.000 денари и тоа ќе важи за сите работници. Сега работниците за облека, кожа и текстил се дискриминирани и земаат пониска плата од другите работници. Ова го најавивме за првата година од мандатот. Нашата цел е 16.000 денари просечна плата до крајот на мандатот. Тоа е нешто повеќе од 250 евра. Наша цел е и просечна плата од 30.000 денари или околу 500 евра, изјави премиерот Заев.
Потенцирајки ја интегративната политика на новата Влада која ги спојува луѓето, премиерот Заев за Нови Магазин истакнува дека Македонија во иднина ќе се гради како едно општество за сите, концепт што доби силна поддршка на изборите.
„На изборите најголема поддршка доби концептот едно општество за сите, што беше еден од петте столба на предизборната програма на СДСМ, партијата што ја раководам и којашто ја предводи новата Влада. Мнозинството граѓани во Македонија, околу 700.000, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други, се изјаснија дека сакаат промени, подвлече Заев во интервуто за Нови Магазин.
Во врска со идните односи меѓу Македонија и Србија, премиерот Заев во интервјуто потенцира дека новата Влада е определена да гради добрососедски односи со сите свои соседи.