Владата почнува подготовка на Патоказ за клучните реформски приоритети за евро-атлантските перспективи

 

Владата на Република Македонија на денешната седница утврди насоки за реализација на итните реформски приоритети важни за евро-атлантските интеграции на Македонија.

Уште од утре, работни групи на различни владини нивоа почнуваат со дефинирање сет мерки за краткорочен 3-месечен план, како и за среднорочни планови од 6 и 9 месеци, за реализација на клучните реформски приоритети на Република Македонија.

Станува збор за изготвување документ – Патоказ, со дефинирани обврски на Владата во делот на реформскиот процес важен за евро-атлантските интеграции. Владините активности ќе се базираат на нотираните приоритети во вчерашните разговори на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев со еврокомесарот за проширување на ЕК, во Брисел, Јоханес Хан, како и согласно забелешките на експертската група на Европската комисија предводена од Рајнхард Прибе.

Претседателот на Владата, Зоран Заев информираше дека постои сериозна заинтересираност од Европската унија за евроинтеграциските перспективи на Република Македонија. Во таа насока премиерот Заев побара сериозна посветеност од сите министри кон потребниот реформски процес.

На владината седница, согласно вчерашните пораки од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Брисел, констатирано е дека реализацијата на клучните реформи во земјава води кон рестартирање и на односите со Алијансата и отвора перспективи и за членство на Македонија во НАТО.

Како некои од клучните мерки се посочени обезбедувањето професионални институции, владеење на правото, услови за објективно функционирање на медиумите, антикорупциски мерки. Исто така констатирана е и потребата од безбедносни и одбранбени реформи, со цел вистинска модернизација и професионализација на Армијата на Република Македонија. 

Владата, на денешната седница, го продолжи рокот за земјоделците, за аплицирање за субвенции до 15 септември, од сегашниот рок 30 јуни. Со тоа Владата им излегува во пресрет на земјоделците кои поради необезбедени технички услови, не биле во можност да почнат со аплицирањето од 15 април годинава.

Владата, усвои измени и дополнувања на Програмата за финанасиска поддршка во земјоделството за 2017 година, со што ќе се овозможи обештетување на земјоделците кои имаат штети од поплавите во тетовско на почетокот на јуни годинава, како и за земјоделците кои претрпеа штети од пролетните мразеви 2016 и 2017 година.

Исто така Владата донесе одлука за измени и дополнувања на Законот за земјоделство и рурален развој по скратена постапка, со што се создадени услови да отпочне исплатата на субвенциите на тутунарите за минатата реколта.

На денешната владина седница е разгледана потребата за гаснење на огнот на депонијата во Струга, на што укажуваат тамошните жители. Задолжени се Министерството за животна средина и уште неколку министерства, уште утре да излезат на терен, по што треба во најкусо време да предложат мерки за ургентно решавање на проблемот, како и долгорочно решение за проблемот.

Владата на денешната седница ја именуваше Магдалена Несторовска за државен секретар во МВР.

Владата го именуваше министерот за финансии, Драган Тевдовски за гувернер за Македонија во ЕБОР, како и за гувернер во Групацијата Светска банка. За заменик гувернер за Македонија во ЕБОР, како и во Групацијата Светска банка е именуван вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

На денешната владина седница е констатиран прекин на мандат по сила на закон на градоначалникот на општина Боговиње, со што се создадени услови за именување в.д. градоначалник од редот на советниците во општината, до следните локални избори. 

Исто така, на денешната владина седница е констатиран прекин на мандат по сила на закон на градоначалникот на општина Липково, со што се создадени услови за именување в.д. градоначалник од редот на советниците во општината, до следните локални избори.