Средба на премиерот Заев со грчкиот амбасадор Јанакакис: Постои позитивна атмосфера за градење доверба и за продлабочување на соработката меѓу двете земји
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Република Грција во Македонија, Димитрис Јанакакис.
На средбата се разговараше за можностите што ги отвораат политиките на пријателство и на соработка во духот на меѓусебно почитување, што ги покажуваат владите на двете земји.
Констатирано е дека е создадена позитивна атмосфера за градење доверба и за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Грција, за што постои изразена волја од двете страни.
„Пративме позитивни сигнали за добрососедска соработка, затоа што новата Влада е определена кон примена на европските вредности и на политики на градење мостови. Добиваме назад позитивни сигнали од нашите соседи, што го сметаме за голем исчекор во развојот на добрососедските односи и во отворањето перспективи за граѓаните и за Република Македонија“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев повтори дека стратешки определби на нашата држава се членство на Македонија во Европската унија и во НАТО. Тој соопшти дека новата Влада е силно фокусирана кон потребниот реформски процес за евро-атлантските интеграции, преку усвојување конкретен Акциски план, што одразува колку сериозно е посветена Владата да го подигне квалитетот на живот на граѓаните и да обезбеди напредок на државава. Премиерот Заев и во оваа прилика изрази надеж дека по Црна Гора, Македонија ќе биде следната земја, членка на НАТО.
Грчкиот амбасадор Јанакакис изрази подготвеност за соработка меѓу двете земји на различни нивоа. Во таа насока, на средбата се разгледани и можностите, освен за унапредување на политичката клима на доверба, и за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Грција на полето на економијата и инвестициите, културата, образованието, екологијата, туризмот, енергетиката, што се практична потреба на граѓаните на двете земји.