Владата донесе одлуки за обесштетување земјоделци, реципрочно признавање возачки дозволи, меѓународни договори што им го олеснуваат животот на граѓаните
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потпишување Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, за соработка во областа на земјоделството и руралниот развој, за што висока владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев за неколку дена ќе биде во официјална работна посета на Сараево.
Меморандумот олеснува Македонија и Босна и Херцеговина поедноставно да соработуваат околу можностите за унапредување на трговијата со земјоделски и прехранбени производи, што е важно за двете земји, како и во однос на евро-интеграциските процеси во оваа област, преку размена на искуства и техничка помош, размена на искуства во областа на управувањето со шумите, управувањето со водите и наводнувањето, оформување земјиште во државна сопственост за јавни потреби, активирање некористено и неатрактивно земјиште во државна сопственост.
Владата го усвои Третиот Акционен план за енергетска ефикасност, што Република Македонија се обврзала пред ЕУ дека ќе го донесе до 30 јуни 2016 година, но досега не е направено. Овој Акциски план, според проценките и очекувањата, ќе донесе заштеди на целокупната крајна потрошувачка на електрична енергија во Македонија за 2018 година.
На денешната седница, Владата го разгледа и усвои Предлогот за поведување постапка за водење преговори за склучување Договор за статус меѓу Владата на Република Македонија и Европската Унија, како и Нацрт текстот на Договорот, за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија, како основа за водење на преговори. Овој Договор, како што е објаснето, олеснува пограничната агенција на ЕУ, ФРОНТЕКС, да учествува во заштитата на јужната граница и се однесува на начинот на којшто ќе делува стражата на границата.
Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за извршени преговори меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачки дозволи и го прифати усогласениот текст на Договорот меѓу државите за реципрочно признавање на возачки дозволи. Констатирано е со ова дека значително ќе се подобри безбедноста на патниот сообраќај. Исто така и дека со тоа ќе им се олесни движењето на граѓаните. На седницата е укажано дека има барања и од други земји за воведуваење на вакво реципрочно признавање на возачки дозволи, како на пример со Германија, што Владата во престојниот период ќе го земе предвид.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за тековни и идни активности што треба да бидат преземени за отворањето на нов граничен премин наменет за меѓународен сообраќај меѓу Република Македонија и Република Косово, "Белановце-Станчиќ". До крајот на јули 2017 година треба да биде изработен архитектонско-урбанистички проект за објектот што треба да биде изграден на овој граничен премин.
Владата на Република Македонија позитивно одговори на барањето на Општина Кавадарци и донесе одлука за отстапување државно земјиште на општината за изградба на затворен пазар со што ќе се реши децениски проблем на локалната заедница и граѓаните на Кавадарци.
Владата ја разгледа инфрмацијата за Актуелна состојба со депонијата во Струга. Констатирано е дека проблемот се појавува поради несоодветен третман на отпадот, поради што е потребно спроведување соодветно долгорочно решение. За ова веќе има првични предлози од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. По насока на премиерот Заев заклучено е да се побара надзор на критичниот терен, од страна на општина Струга, за да не дојде до повторна ескалација на проблемот, а доколку има потреба, заклучено е дека ќе помогне и Владата. Владата констатираше дека е потребно системско решение за сите депонии на територијата на Република Македонија.
Владата ја разгледа и усвои Информација за штетите од невремето на 15 јули во Струмичко-радовишкиот регион, врз земјоделски култури. Задолжено е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира комисии што ќе извршат увид за утврдување на настанатите штети, по поднесени барања во периодот од 18.07.2017 до 30.07.2017 година, до подрачните единици при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Владата на Република Македонија денеска донесе повеќе заклучоци во врска со одбележувањето и прославата на државниот празник – 2 август, Ден на Републиката.