На деневен ред на 18-тата седница на Владата: Извештаи за активности на јавни и државни претпријатија, договори за соработка со БиХ и Косово, некои кадровски прашања
Владата на Република Македонија денеска (понеделник, 31 јули, 2017 година) во 17:00 часот, ќе ја одржи својата осумнесетта седница.
На денешната седница Владата ќе разгледа и констатира состојби за напредок на земјата во процесот на европска интеграција, користење и имплементација на ЕУ фондовите и статусот на реализација на приоритетите на Република Македонија за влез во НАТО, а ќе ја разгледа и информацијата за имплементацијата на Рамковниот договор.
Владата на Република Македонија ќе разгледа и ќе донесе повеќе одлуки во однос на извештаи од работата на повеќе јавни државни претпријатија и агенции.
На денешниот дневен ред пред министрите ќе се најде и Предлог - законот за ратификација на Спогодба за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.
Ќе биде разгледан и Извештајот за завшрените преговори за потпишување на Протокол меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за начинот на изработка на урбанистичко-планска и соодветна техничка документација, поделба на режимски трошоци и заеднички трошоци за одржување на заедничкиот објект, како и вршење на граничната контрола на заедничкиот граничен премин помеѓу двете земји наменет за меѓународен сообраќај „Белановце - Станчиќ“.
На дневниот ред на денешната седница се очекува министрите да го разгледаат и предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита по скратена постапка на предлог на Министерството за труд и социјална политика.
На дневен ред пред министрите ќе се најдат и неколку предлози за кадровски решенија, а исто така ќе бидат разгледани и дополнителни предлози и прашања во интерес на граѓаните.