Се преземаат сите мерки пожарот во општина Македонски Брод да биде ставен под контрола и апелира да не се шират непроверени информации на социјалните мрежи
Портпаролот на Владата на Република Македонија Миле Бошњаковски во изјавата за медиумите вечерва, соопшти дека Владата на седницата што се одржува вечерва, посебно внимание посвети на пожарот во Поречието, во општина Македонски Брод.
Владата апелира, нагласи портпаролот Бошњаковски, граѓаните да се воздржат од ширење напроверени информации на социјалните мрежи заради исклучителната чувствителност на темата и за да не се зголемува непотребно тензијата меѓу населението.
Според последните информации добиени од Регионалниот центар за управување со кризи во Македонски Брод, добиени во 20 часот, пожарот е сè уште активен на Лутоец во правец на месноста Брдо и Сува Гора и има тенденција на ширење во правец на атарот на село Здуње и кон селото Требовље.
Во овој момент присутните единици за справување со пожарот превземаат мерки за заштита на селото со распоредување на соодветни локации.
Портпаролот Бошњаковски ги информираше новинарите дека двата хеликоптерите на АРМ беа на располагање и се ангажирани веднаш штом Дирекцијата за заштита и спасување побара асистенција. Тие до денес секојдневно учествуваа во справување со огнената стихија во село Требовље, а денеска и кај село Брезница.
Во текот на денешниот ден, активирани се 2 пешадиски вода од Четвртиот батаљон од касарната во Кичево кои веќе се на терен, каде се наоѓа и командантот на здружена оперативна команда генерал Милевски. Вкупно 60 офицери и војници на АРМ, вклучувајќи и медицински тим, остануваат на локацијата сè до целосно справување со пожарот на оваа локација.
Владата на 18-тата седница, која е сè уште во тек, донесе одлука да се свика итно Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи на кој ќе се разгледаат информациите за пожарите во земјава посебно на ситуацијата во околина на Македонски Брод.
Вечерва отпочнаа координацијата на ова тело со цел да се преземат итни активности уште во текот на оваа ноќ за да се заштитат имотите на граѓаните и нивните животи.
Членови на ова координативно тело се министрите за внатрешни, за одбрана, за транспорт и врски, за труд и социјална политика, за здравство, како и директорот на Центарот за управување со кризи.
Владата, нагласи портпаролот Бошњаковски, на вечерашната седница препорача Управувачкиот комитет да одлучува за можностите да се зголеми користењето на АРМ во справувањето со пожарите; Хелокоптерите на АРМ, кои се вклучени во гаснењето на пожарот да продолжат со акцијата. Владата му наложи на комитетот да се препорача и вклучување на двата авиона на Дирекцијата за заштита и спасување.
Портпаролот на Владата на Република Македонија соопшти дека последните информации говорат дека, иако пожарот го загрозува атарот на селото Требовље, до овој момент нема опожарени куќи и итната координација се прави за тоа така и да остане.
Екипите што се на терен ќе останат сè додека пожарот не биде изгаснат или ставен под контрола, изјави за медиумите портпаролот Миле Бошњаковски.