МТСП: Преземаме итни мерки за подобрување на состојбите во Специјалниот завод - Демир Капија
Министерството за труд и социјална политика известува дека денеска, 1 август 2018 година, се одржа состанок на работната група за дефинирање на Акцискиот план за итни мерки за подобрување на состојбите во Специјалниот завод Демир Капија.
На средбата детално се разгледаа сите итни мерки од акцискиот план кои се однесуваат на подобрување на состојбите во Специјалниот завод Демир Капија, подобрување на условите за престој на корисниците преку почитување на основните човекови права, зголемување на нивната мобилност, пристап во работата со крајните корисници, како и идните чекори во оваа насока. Претставниците на агенциите на Обединетите нации, како и претставниците на Делегацијата на Европската унија, ги образложија нивните активности во поддршка на итниот план, а дополнително Министерката за труд и социјална политика ги претстави краткорочните и среднорочните приоритети на МТСП:
- Договорена е забрана за нови сместувања во институциите кои згрижуваат деца/лица со попреченост (која е веќе на сила);
- Во текот на наредните две недели, центрите за социјална работа треба да направат индивидуална проценка на сите деца кои се сместени во институциите и да подготват индивидуален план за секое дете;
- Да се предвидат волонтерски тимови од граѓанскиот сектор кои ќе помогнат во работењето и подигнувањето на стручните капацитети на Специјалниот завод - Демир Капија;
- Ќе се овозможат тренинзи за стручните лица кои работат во Специјалниот завод, а кои се однесуваат на подготовка на планови за трансформација и за обезбедување на услуги во локалната заедница;
- Итно подобрување на хигиенските услови и здравствената нега во установата;
- Ќe се поддржи регионална соработка со државите и стручните лица од институциите од балканскиот регион;
- Ќе се поддржи отворање на мал групен дом за децата кои се сместени во Демир Капија, во насока на нивно деинституционализирање;
- Ќе се организираат работни средби на меѓународните агенции, ЕУ и МТСП на техничко ниво, со цел да се операционализираат сите активности и да се поделат улогите во процесот;
- Ќе се организира донаторска конференција за Специјалниот завод Демир Капија
На состанокот со кој раководеше Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, присутни беа и Координаторот на ОН во земјата и постојан претставник на УНДП, Луиза Винтон, постојаниот претставник на УНИЦЕФ за Македонија, Бенџамин Перкс, претставникот на Делегацијата на ЕУ, Нафи Сарачини, Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права и претставникот на проектот финансиран од страна на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Владимир Крстевски.