20-та седница на Владата на РМ: Усвоен текстот на Законот за употреба на јазиците
Владата на Република Македонија вечерва ја одржа својата 20-та седница, со која претседаваше Заменичката претседателка на владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
На седницата владата го усвои текстот на Законот за употреба на јазиците кој произлегува од усогласувањето на националната програма за усвојување на правото на Европската Унија. Откако законот ќе биде усвоен во Собранието на Република Македонија, Министерството за правда, преку Министерството за надворешни работи, ќе го достави законот и отворените прашања кои кои не се дел од овој закон, до Венецијанската комисија и ќе побара мислење за пакетот законски решенија.
Според дневниот ред на седницата, Владата ги разгледа извештаите за работењето во првиот квартал од оваа година на ЈП МЖ Инфраструктура и на Македонски железници – Транспорт А.Д. – Скопје.
Посебна точка на седницата беше барањето на Македонски железници – Транспорт А.Д. Скопје, Владата да донесе одлука за доделување финансиска помош за ова акционерско друштво за подобрување на финансиската состојба и покривање на загубите до крајот на годината.
Заради високиот долг и загуби во работењето на МЖ Транспорт А.Д. – Скопје, Владата им препорача на Министерството за транспорт и врски и на Министерството за финансии, заедно со МЖ Транспорт А.Д. - Скопје да се изнајдат решение за трајно надминување на оваа состојба.
Владата ја разгледа информацијата на Министерството за образование и наука, и ја прифати Предлог Одлуката за изменување на Одлуката за бројот на студенти за запишување во прва година-прв циклус на студии на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во учебната 2017/2018 година.