25-та седница на Владата на РМ: Ќе се симне тајноста на договорите со странските компании, се продолжува рокот за легализација на дивоградбите, се намалува јавниот долг, обезбеден е механизам за поддршката за годишен одмор за работниците со ниски приходи

 

Владата на Република Македонија на денешната 25-та седница донесе одлука да се покрене постапка за декласификација на класифицираните информации и договори за доделување на државна помош, склучени помеѓу Владата на Република Македонија и компаниите/странски инвеститори.

Со одлуката на Владата, согласно Законот за класифицирани информации и соодветно на препораките на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, сите информации ќе станат јавни, како и договори за доделување на државна помош со странските инвеститори. 

На денешната седница, владата донесе одлука со која се задолжуваат Агенцијата за странски инвестиции и Техничко-развојните индустриски зони, како и сите останати министерства и државни органи, кои поседуваат „тајни“ информации и договори за државна помош, и тие да ги покренат постапките за достапност на овие информации и договори.

За ефикасно спроведување на оваа одлука, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да достави листа на класифицирани информации и договори за државни субвенции на странските компании во земјата и утврди рок од седум дена за реализирање на оваа иницијатива.

Иницијативата за декласификација на информациите и договорите за државна помош за странските компании е мерка предвидена со Планот 3-6-9.

На денешната седница Владата го усвои предлогот на Министерството за транспорт и врски за измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградените објекти. Со оваа нова мерка, сметано од 01 јануари до 31 декември 2018 година, сите граѓани кои претходно не успеале да поднесат барање за легализација, сега тоа свое право да можат да го остварат во овој дополнителен рок. Предвидени се и нови 6 месеци, сметано од 01 јануари до 30 јуни 2018 година, за сите граѓани кои за претходните барања не ја обезбедиле неопходната документација да поднесат нови барања за легализација.

Владата денеска ја усвои постапката со која се операционализира мерката за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, за која беа обезбедени финансиски средства со ребалансот на буџетот за 2017 година. Со оваа мерка владата ја продолжува туристичката сезона и обезбедува субвенции за работници со ниски приходи. Министерството за економија е задолжено за реализација на оваа мерка, а право на неа ќе имаат граѓаните, односно семејствата со приходи до 22 илјади денари.

Владата на Република Македонија, на денешната седница, ја разгледа и усвои Анализата на структурата на портфолиото на јавниот долг и каматните трошоци. На седницата е усвоена информацијата дека во изминатиот период владата повеќе се раздолжува, отколку што се задолжува, и дека каматите на новите задолжувања се пониски од каматите со кои претходно беа задолжувани граѓаните на Република Македонија.

Владата денеска донесе одлука со која деловниот простор во кој сега е сместена Државната изборна комисија се дава на трајно користење на ДИК, без надоместок, и дека примопредавањето на деловниот простор од оваа одлука ќе се изврши помеѓу Министерството за финансии и Државната изборна комисија, во рок од осум дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука. Оваа одлука на владата е во согласност со акциите од Планот 3-6-9, според кои е предвидено создавање подобри услови за непречено и функционално работење на Државната изборна комисија.

Министрите во Владата на РМ денеска го усвоија и планот на Министерството за одбрана на Република Македонија, односно да го рестартира процесот за изработка на Стратегиски одбранбен преглед – 2018 (СОП 2018).

На денешата владина седница на дневен ред беа и повеќе извештаи за работењето на јавни претпријатија и владини агенции, меѓу кои и извештаите за работењето на Македонска информативна агенција, при што е констатирано намалување на приходите, поради што владата препорача поголема независност во работата на агенцијата во 2017 година.

Во исто време, владата донесе одлука да не ги одобри извештаите за работењето на членовите на Управниот одбор на МИА. Оваа одлука е донесена врз основа на преовладувачкото мислење во дискусијата на седницата на владата, според кое членовите на УО на агенцијата недоволно се ангажирале во работењето на Управниот одбор на агенцијата.

Во однос на извештајот за работењето на Советот за јавни набавки за втората половина на 2016 година, владата му предложи на Советот да ја разгледа можноста за намалување надоместокот за мислење за јавна набавка, како и можноста за намалување на роковите за постапките за поефикасно и суштинско поедноставување на услугите.

Владата денеска ја одобри предлог одлука за дополнување на Статутот на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија со која ќе се обезбеди непречено работење на фондот.

На денешната седница владата ја усвои предлог програмата за работа на Владата на Република Македонија за периодот јуни – декември 2017 година, со тоа што министерствата имаат рок од една недела да ги достават дополнителните обврски како и започнати процеси произлезени од нивната работа.

Предлог програмата за јуни-декември 2017 година е во функција на остварување на стратешките приоритети и содржи конкретни политики како и мерки и активности на Владата на Република Македонија.

Согласно препораките и заклучоците на Министерството за култура, владата денеска ја усвои информацијата оваа година да не се додели титулата “Национален уметник за 2017 година”, поради тоа што ниту еден од предложените кандидатите не ги исполнува условите утврдени со Законот за национален уметник на Република Македонија

На денешната, 25-та седница на Владата на РМ е усвоена и програмата и активностите на Централната прослава на празникот 8 септември - Ден на независноста на Република Македонија.