Од 28 седница на Владата на РМ: Предлог-законот за амнестија пуштен во владина процедура; Се преземаат поконкретни мерки за справување со загадениот воздух; Зголемени се платите во градинките; Се укинува надоместокот за информации од јавен интерес
Владата на својата денешна, 28 седница, го разгледа и усвои Предлог-законот за амнестија и им препорача на Министерството за правда и на службите во владата да ги обезбедат условите за увид во предлог текстот на законот до засегнатите министерства, како и до пошироката јавност. Владата донесе одлука усвојувањето на законот да оди во редовна постапка. Согласно предвидената процедура за усвојување на законите во редовна постапка, текстот на предлог-законот ќе биде поставен на увид на јавноста во Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР, www.ener.gov.mk) и на тој начин до него ќе имаат пристап експертите од стручната јавност, од граѓанскиот сектор, како и сите други засегнати страни. Предлог-законот на ЕНЕР ќе биде достапен 20 дена, согласно одлуката на Владата на РМ, која на една од претходните седници го зголеми бројот на денови за јавна расправа на законите што се донесуваат во редовна постапка.
Првиот драфт на предлог-законот ја опишува целисходноста од донесувањето на овој закон кој е времен и ќе се однесува на точно определени временски одредници. На денешната седница, Министерот за правда, Билен Саљији напомена дека предлогот за донесување на нов закон за амнестија е израз на добра волја на државата кон одредена група на правосилно осудени лица, со цел за нивна ресоцијализација и за растеретување на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна воедно, како и условите во казнено-поправните установи во државата.
Министерот Саљији објасни дека со предложениот текст на закон не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик, на сторители на кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа: (член 186, член 187, член 188, член 189, член 191, член 191-а, член 193, член 193-а, член 193-б и член 194 од Кривичниот законик, за кривични дела против државата (член 305-327) од Кривичниот законик, за кривични дела злосторничко здружување (член 394-394-г), од Кривичниот законик, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право (член 403-418-а, 418-в до 422 од од Кривичниот законик на Република Македонија.
На денешната седница Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), презентираше информација со предлози за справување со високото ниво на загадување на воздухот во Република Македонија, во текот на летниот период и во текот на целата година.
Со оглед на фактот што досегашната работа Интересорската работна група (ИРГ) за справување со овој проблем не ги даде очекуваните резултати, донесена е одлука за проширување на ИРГ со членови од други релевантни институции, замена на постоечки неактивни и пензионирани членови со други и учество и координација на ИРГ од функционери од МЖСПП на повисоко политичко ниво. Еден од предлозите на МЖСПП за справување со високото ниво на загадување на воздухот во Република Македонија е и засилен мониторинг на спроведување на сите пропишани мерки за подобрување на квалитетот на воздухот како и навремено информирање на Владата за ефикасно спроведување на дефинираните мерки во планските документи.
На предлог на Министерството за труд и социјална политика ја разгледа и ја усвои информацијата за зголемување на коефициентите на сложеност на работите во јавните установи за деца - детски градинки. Со оваа одлука, почнувајќи од септември 2017 година, платата која ќе биде исплатена во октомври 2017 година, ќе биде линерно зголемена за 2%. Средствата за оваа намена се обезбедени во Буџетот за 2017 година.
Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за определување набљудувач и заменик набљудувач во Управниот одбор на Европската агенција за фундаментални права и национален офицер за врски и негов заменик.
Владата ги определи Иџет Мемети, Народен правобранител на Република Македонија, за набљудувач во Европската агенција за фундаментални права од Република Македонија и Уранија Пировска, Извршна Директорка на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија, за заменик набљудувач во Европската агенција за фундаментални права, и Тања Кикерекова, Раководител на одделение за човекови права во Министерството за правда, за офицер за врски, и Елена Бодева, Соработник во Министерството за надворешни работи за заменик офицер за врски.
На седницата на Владата на РМ, прифатена е информацијата за зголемување на придонесот на Република Македонија во мисијата на НАТО во Авганистан „Одлучна поддршка“ во 2018 година со дополнителни 8 лица воен персонал.
Министрите во владата, на денешната седница ја прифатија информацијата за потребата од изработка на Среднорочна Стратегија за општествена одговорност на Република Македонија, и информација во врска со потпишување на Меморандум за разбирање со Акциски план со кој се врши дополнување на Иницијативата за централно и југоисточно европско поврзување (CESEC) со заеднички пристап кон пазарот на електрична енергија, енергетската ефикасност и обновливиот развој.
Владата денеска ги усвои и предлог-уредбите за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации за јавните установи за деца - детски градинки по општини за 2018 година, и за распределба на блок дотации за јавните установи за социјална заштита-домови за стари лица за 2018 година.
На денешната седница е усвоена и одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Македонија за 2017 година за спроведување на локалните избори во 2017 година, за Државната изборна комисија, и за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Како дел од обврските од Планот 3-6-9, владата денеска донесе одлука со која се укинува надоместокот за испорака на информации од јавен интерес, во вид на електронски запис на информацијата на УСБ, или на е-маил адреса на барателите.
На денешната владина седница е прифатена информацијата за продолжување на работите на граничниот премин “Белановце-Станчиќ”, во општина Липково, со усвојување на урбанистичкиот и другите градежни планови за изградба на овој граничен премин.