29та Седница на Влада: Формирана меѓуресорска група за реформи на постапката за следење на комуникациите; Се забрзува постапката за реализација на проектот „Регистар на население“; Одлука за забрзување на постапката за обештетување од непогодите во 2016 г

Владата на Република Македонија денеска ја одржа редовната, 29та седница, со повеќе точки од јавен интерес на дневниот ред.

 

29та Седница на Влада на РМ, 26.09.2017

 

На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од формирање на Меѓуресорска работна група за изготвување и следење на имплементацијата на Планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите.


Со цел да се обезбеди инклузивност на сите релевантни чинители кои се вклучени во постапката за следење на комуникациите, но и на собраниските тела за нивниот надзор и контрола, Владата донесе одлука меѓуресорската работна група да биде составена од претставници од овластените органи за следење на комуникациите, како што се одделни министерства, Јавното обвинителство, судските органи надлежни за донесување на наредба за следење на комуникациите за интересите на безбедноста и одбраната на државата, од претставник од Дирекцијата за заштита на личните податоци и од претставник од собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, како и од други управи во надлежност на Владата.


Со цел вклучување и на научната јавност во конципирањето на идните чекори во спроведување на оваа сеопфатна реформа на законскиот и институционалниот систем за следење на комункациите, предвидена и во Планот 3-6-9, се предлага во сите постапки преземени од меѓуресорската работна група да учествуваат и претставници од научната и стручната јавност-експерти од областа на кривичната постапка, Народниот правобранител, како и претставници на граѓански организации од оваа област и од областа на човековите права.

 

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информација за статусот на спроведување на проектот „Регистар на население“. Од соодветната реализација на проектот се очекува иднина дури и да го замени пописот, каков што е случајот со неколку европски земји.

На денешната седница Владата го задолжи Министерство за информатичко општество и администрација да спроведе активности за изработка на решение за Централен електронски регистар на население до јули 2018 година кој ќе ги содржи следните полиња за населението во Република Македонија: Име, Презиме, Јазик, ЕМБГ, Пол, Датум на раѓање, Место на раѓање (Држава, Општина, Населено место), Лични документи (листа на документи со податоци за Број, Вид, Датум на издавање, Датум на важност, Статус, Место на издавање), Мајка (ЕМБГ), Татко (ЕМБГ), Адреса на живеалиште (Општина, Населено место, Улица, Број (Број, Влез, Стан)), Адреса на привремен престој (Општина, Населено место, Улица, Број (Број, Влез, Стан)), Државјанство (Држава, Статус, Датум на почеток, Датум на престанок), Брачен статус, Датум на брачен статус, Сопруг/а (ЕМБГ), Националност, Смрт, Датум на смрт, Место на смрт (Држава, Општина, Населено место).

Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда - Управа за водење на матичните книги, Државниот завод за статистика, Министерството за труд и социјална политика, и им укажа на Дирекцијата за заштита на личните податоци и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, најдоцна во рок од 7 дена од денот на усвојување на информацијата да номинираат член и заменик член во работна група за изготвување на нацрт-закон за Закон за централен електронски регистар на население и нацрт-закон за Закон за електронски услуги.

За реализација на овој проект Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за внатрешни работи до 5.10.2017 да усогласат акциски план за спроведување на проектот „Регистар на население“.


Владата на Република Македонија, на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за проценка на штети од елементарни и други непогоди кои се однесуват за штетите настанати од ниските температури-мраз, град и поплави во 2015 и 2016, и го разгледа и усвои Акцискиот план за постапување по предметите за настанатите штети во периодот 2015-2016 година, и го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира „Комисија за прегледување на елаборатите и пријавите за штети“, и во најбрз можен рок да ги утврди конечниот список на лица и висината на штетите кои треба да се надоместат.

 

На денешната седница донесена е одлука до првата наредна седница, се подготви предлог за краткорочни и долгорочни излезни решенија за состојбата во фабриката за шински возила „Колска“ во Велес и за исплата на заостанатите плати на вработените во ова друштво со кој удел има и Владата на РМ.  


На оваа 29та седница на Владата е разгледана и усвоена и информацијата за финансирање на проектот за изградба на Пречистителна станица за отпадни води за Градот Скопје, за чија изградба, покрај средства од буџетот, е предвидена и поддршка од ЕУ за која ќе биде потпишан билатерален договор со Делегацијата на ЕУ во Скопје за финансирање на овој проект во рамките на ИПА програмата.