Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна, 31 седница, со повеќе точки на дневен ред од надлежност на владата и од интерес на граѓаните на Република Македонија.
На седницата на владата денеска ќе се најде Информација за потребата од потпишување на Анекс за изградба на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Пан-Европскиот Коридор 10, како и Анекс кон Договорот за надзор на изведбата на овој автопат.
На дневниот ред на седницата на владата денеска ќе биде разгледано и Решението на Уставниот суд на Република Македонија, донесено на седницата одржана на 21 јуни 2017 година, за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронските комуникации.
Министрите во владата на денешната седница на предлог на Министерството за локална самоуправа, ќе ја разгледаат информацијата, со предлог-заклучоци, за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменските и блок дотациите за општините.
На денешната седница ќе биде разгледана и ќе бидат донесени соодветни заклучоци во врска со информација за степенот на имплементација на реформските мерки во областа на енергетиката.
Министерството за образование на денешната владина седница пред министрите ќа ја презентира предлог-програмата за изменување на програмата за изградба и реконструкција на средни училишта за 2017 година, а на предлог на Министерството за труд и социјална политика на седницата ќе се разгледа и информација за изменување на Ревидираниот оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2017 година, со Оперативен план за изменување на Ревидираниот оперативен план.
На оваа 31 седница на Владата на РМ, ќе бидат разгледани повеќе извештаи, како извештајот за работа на Инспекцискиот совет и Информација за работа на инспекциските служби за втор квартал за 2017 година, и извештајот за работењето на Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменска сала „Борис Трајковски“, дооел Скопје, до денот на именувањето на вршителот на должност управител Александар Петровски.
На деневен ред на седницата на владата денеска е и предлог-одлуката за прогласување на Спомен - куќата на Лазар Личеновски, во Скопје за културно наследство од особено значење, како и информацијата во врска со статусот со четвртиот јавен повик за финансирање на проекти во рамки на два инструменти на Фондот за иновации и технолошки развој.
На оваа владина седница ќе биде разгледана и информацијата за Националната стратегијата за индустриска сопственост 2016 – 2018 година и Акциониот план за спроведување на Стратегијата.