Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна, 41-та седница, со повеќе точки на дневниот ред од интерес на граѓаните на Република Македонија.
На предлог на Управата за хидрометереолошки работи Владата на Република Македонија ќе ја разгледа информацијата за потребата од финансиски средства за санација на метеоролошките станици во Демир Капија, Штип и Крива Паланка и поправка на радарскиот систем Ѓуриште.
Министрите денеска ќе ја разгледаат и одлуката за утврдување на цената на годишната претплата на службеното гласило Службен весник на Република Македонија и за годишната претплата на Регистарот на прописи на Република Македонија за 2018 со предлог одлука за давање согласност.
Пред министрите денеска ќе се најде и информацијата за разгледување на проекти кои што не се поврзани со основната дејност на АД ЕЛЕМ на предлог на ова претпријатие во доминанта државна сопственост.
На оваа 41-ва седница ќе се разгледа и информацијата за реконструкицјата на пругата Куманово – Бељаковце, Железнички коридор 8.
Министерството за економија како точки на дневен ред на денешната седница ги предложи информацијата за изменување на законот за трговија согласно иницијативата на посетените компании во рамки на проектот „Учиме од бизнис заедницата“, информацијата во врска со одржување на Петнаесетиот состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница на 14-ти декември, 2017 година во Приштина, Косово.
На предлог на Министерството за надворешни работи Владата на Република Македонија денеска ќе одлучува за усвојување на предлог-законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство и предлог – текстот на Годишната национална програма на Република Македонија за членство во НАТО за 2017-2018 година во рамки на 18-от циклус на Акциониот план за членство.
Министрите денеска ќе ја разгледаат и информацијата за превентивни прегледи на социјално ранливи категории на граѓани.
На предлог на Министерството за култура владата денеска ќе го разгледа предлог-законот за изменување и дополнување на законот за заштита на културното наследство.