Од 52-рата седница на Владата на РМ: Нема согласност за покачување на цената на водата од Студенчица; Усвоена е стратегијата за образование до 2025 година; Одлука за патување со лични карти со Босна и Херцеговина

 

Владата на Република Македонија на денешната 52-ра седница, ја разгледа и усвои Стратегијата за образование 2018-2025.

Стратегијата за образованието на Република Македонија за 2018-2025 година и нејзиниот Акциски план, беа изработени со финансиска и техничка поддршка од страна на Европската унија, преку процес на консултации и учество, на многу експерти, наставници и професори, претставници на јавни институции, невладиниот сектор и други лица заинтересирани за развивање на човечките ресурси и образовните политики во Република Македонија.

На денешната седница владата го разгледа Тарифникот за утврдување на цените на водни услуги на ЈП за водоснабдување „Студенчица“ Кичево, за снабдување со сурова вода наменета за населението од Регионалниот водовод Студенчица и донесе одлука да не даде согласност за покачување на цената на водата што го предлага Регулаторната комисија за енергетика.

Владата на Република Македонија е против одлуката за покачување на цената на водата бидејќи таа паѓа на сметка на крајните корисници, односно граѓаните, и донесе заклучок да и препорача на Регулаторната комисија за енерегетика да ја преиспита својата одлука за одобрување на покачување на цената на водата, а ЈП Студенчица да направи нова анализа за барањето за корекција на цената на водата.

На оваа седница владата го утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување на Законот превоз во патниот сообраќај со кој се предлага укинување на обврската за познавање на англискиот јазик за такси превозниците, и донесе заклучок предлог законот да биде доставен до Собранието на Република Македонија на усвојување.

Владата ја усвои Годишната програма со финансиски план за 2018 година на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и ја задолжи Дирекцијата за ТИРЗ во рок од 30 дена да подготви и до Владата да достави Информација со споредбена анализа за работењето во 2017 година и 2018 година.

На денешната седница владата ја разгледа и ја донесе Одлуката за формирање на Совет за борба против перење пари и финансирање на тероризам, кој ќе биде надлежен да ги следи и координира активностите за спроведување на Националната стратегијата за борба против перење пари и финансирање на тероризам.

Владата денеска ја усвои Програмата за промоција и поддршка на туризмот за 2018 година на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за донесување на Стратегијата за животна средина и климатски промени до 2020, со препорака новиот текст на стратегијата да ги вклучи и препораките и мерките од Интерресорската група за заштита на амбиенталниот воздухот, како и други мерки од сферата на заштитата на животната средина.

Владата го прифати Акцискиот план за реконструкција и адаптација на Завод за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања - Отешево, и го задолжи Министерството за здравство на секои шест месеци до Владата да доставува информација за прогресот на активностите од Акцискиот план, се до конечна реализација на проектот.

Владата на Република Македонија го разгледа и прифати Извештајот за завршени преговори за усогласување на текстот на Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за условите за патување на државјаните на двете земји. Патување со лични карти. По усогласувањето на спогодбата и по ратфикацијата во собранијата, граѓаните, граѓаните од двете земји во Македонија и во Босна и Херцеговина ќе можат да патуваат со лични карти.

Владата да го разгледа Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, и донесе заклучок да го достави до Собранието на Република Македонија на натамошна постапка.

За донесувањето на овој предлог-закон владата преовлада фактот што имплементацијата на законот во практика не ги даде очекуваните ефекти, при што се постави прашањето за оправданоста од ваквиот начин на финансирање со буџетски средства во вкупен износ од 317 680 000 денари, односно околу 5 милиони евра.

На предлог на Министерството за образование и наука денеска е усвоена информацијата за активностите во процесот на изработка на Стратегијата за паметна специјализација, која е на високо место во агендата на Европска Унија, и во потпишаниот документ во Трст во 2017, од страна на премиерите на Западен Балкан, за зголемена интеграција на регионот.

СМАРТ Стратегијата претставува национален документ за економски развој на земјата преку насочена поддршка на истражувањето и иновациите, со цел градење конкурентна предност преку развивање и усогласување на истражувањата и иновациите на потребите на бизнис секторот.

Владата не го одобри барањето за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал на Друштвото за транспорт и трговија ФИВЛА ТРАНСПОРТ ДООЕЛ Скопје на локалитетот „Долно Лисиче“, општина Аеродром, имајќи го предвид негативното мислење на општина Аеродром.

На денешната седница Владата на РМ донесе решение за формирање Национален совет за информатичка и компјутерска технологија (ИКТ), за изготување и следење на имплементацијата на Националната ИКТ стратегија, како и за давање на мислење на годишните планови за јавни набавки и на техничките спецификации на тендерските документациина институциите од јавниот сектор, каде што како предмет на набавката е ИКТ опрема и/или софтвер.

Владата на денешната седница го разреши од должноста директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот Александар Донев заради невнимателно и несовесно работење.