Царинската управа ќе го поедностави системот на извозни, увозни и транзитни дозволи
Во период од 19 до 23 март, во просториите на Царинска управа се одржува работен состанок реализиран со поддршка на Проектот за регионален економски развој финансиран од USAID.
На состанокот на кој учествуваат и претставници на членките на Советодавното тело и претставници на инволвираните надлежни институции, се разменуваат информации за сегашниот статус на постапките спроведувани на граница, примената на нетарифни мерки, функционалностите на новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи чија имплементација е во фаза на финализирање, формалностите околу издавање на дозволи за царинската постапка, применуваните предметни законски одредби, тековните и претстојни активности за реформирање на системот на лиценци и гранични инспекции.
Моменталната состојба на постапките кои се спроведуваат на граничните премини при издавање и контрола на сите дозволи за увоз, извоз и транзит на стока, исто така е тема на повеќедневен работен состанок организиран по повод посетата на експертската мисија во врска со постапувањето и контролата на царинските стоки на граничните премини.
Од работниот состанок се очекува да произлезат корисни совети и препораки за идните активности на поедноставување на постапките и унапредување на системот за извозни, увозни и транзитни дозволи во земјата, преку измена на прописите, како и олеснување на процедурите.