Портпаролот Бошњаковски на трибина за „Стратегија за креирање на јавните политики“: Со принципите на транспарентност и отчетност Владата воспоставува нови практики на политики во интерес на граѓаните

Портпаролот на Владата на Република Македонија Миле Бошњаковски денеска учествуваше на трибина на тема: „Стратегија за креирање на јавни политики“, организирана од Универзитетот ФОН, кој неделава со разни активности одбележува јубилеј, 15 години од постоењето.

 

 

На трибината, на која присуствуваа медиумски работници, професори и студенти, се разговараше за начините за поттикнувањето на партиципацијата на граѓаните во Владините политики со цел унапредување на сите сегменти од општествениот живот.

Портпаролот Бошњаковски, говорејќи за различните аспекти од работата на Владата на Република Македонија која ги следи принципите на транспарентност, отчетност, преку отворени комуникации како и инклузивност воспоставувајќи нови практики нагласи дека оваа Влада има политичка желба и волја, јавно и транспарентно да носи одлуки за тешки прашања и проблеми.

 

„За прв пат во политичката пракса во Република Македонија, Владата е таа што, самоиницијативно, го стави на најотворен, најтранспарентен начин, своето работење односно финансиските трошоци на избраните функционери“, истакна Бошњаковски говорејќи за одлуката со која министрите, замениците-министри, државните секретари, Генералниот секретар и Премиерот на Република Македонија, се должни да доставуваат информации за службените трошоци. Додавајќи дека, во првата фаза, шеесетина функционери од извршната власт имаат обврска своите трошења да ги изложат пред очите на јавноста, тој посочи оти се надева дека примерот ќе го следат и другите ешалони на власта, вклучително и локалната самоуправа.

„Време е во Македонија, институциите да создаваат политики во кои интересот на граѓаните ќе биде апсолут - или примарен. Истовремено, време е да се изменат и сите погрешни правилници, одлуки и правни решенија кои се наследени“, рече Бошњаковски.

Портпаролот на Владата на РМ потсети дека Владата, во насока на целосна отвореност, транспарентност и отчетност во работата, ги стопираше владините реклами, кои претходно се користеа за пропаганда, која се злоупотребуваше во изборните циклуси.

„Сега за информирање на јавноста, максимално ги користиме бесплатните ресурси на социјалните мрежи и го применуваме Етичкиот кодекс за медиумско известување“, истакна Бошњаковски.

 

 

Тој, додаде дека Владата редовно го објавува дневниот ред и записниците од седниците на Владата, неделно одржува прес-конференции и обезбедува бесплатно добивање на информации и документи од јавен карактер, а јавно се достапни и договорите склучени преку јавните набавки на електронскиот систем на Бирото за јавни набавки. Тој укажа и на декласификацијата на информациите кои во минатото се сметаа за тајни и овозможено е медиумските работници и новинарите бесплатно да ги користат услугите од Централниот регистар и Катастарот.

Пратеничката Ивана Туфегџиќ, на оваа трибина, говореше за законодавната власт и за потребата за изнаоѓање на начини за отворање можност за поголемо партиципирање на граѓаните во креирањето на политиките кои се од јавен интерес.

Како претставник на локалната власт, градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, потенцираше дека контактите со граѓаните, како и услужна, транспарентна и отворена општина придонесува кон креирањето на јавната политика.

Како претставник на медиумите, новинарот Горан Михајловски, се задржа на важноста на медиумите, како контролори на власта.
Во рамките на трибината свои излагања имаа и ректорот на ФОН, проф. д-р Нано Ружин и професорите д-р Назми Малиќи, Елена Тодорова и Хорхе Мауро Местре Хорда, како гостин од Европскиот Универзитет од Валенсија, кој се задржа на искуството на Шпанија во подигнувањето на нивото на транспарентноста.