Од 64-тата седница на Владата на РМ: Проширен опсегот на носители на јавни функции кои треба да ги објават службените трошења; Усвоени правилниците со кои стартува имплементацијата на мерките од третиот столб од Планот за економски раст
Владата на РМ ја разгледа и ја усвои Информацијата за објавување на службените трошења на директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, самостојните органи на државната управа, правните лица со јавни овластувања, акционерските друштва во државна сопственост и органите во состав на Министерствата, на официјалните веб-страници.
Најдоцна до 20.06.2018 година се задолжуваат директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на Министерствата и на Инспекцискиот совет, на своите веб – страници да ги објават податоците за нивите службени трошоци за периодот од 01.12.2014 до 31.05.2015 година и за периодот од 01.12.2017 до 31.05.2018 година.
Истото, им се укажува да го сторат и директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерски друштва во државна сопственост.
Обврската за објава на службените трошења, на долг рок ќе обезбеди ефикасност во работењето на институциите, како и зголемена одговорност на власта која работи транспарентно и отчетно без злоупотреба на државните ресурси.
Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата со Правилници за мерките од Планот за економски раст на Владата – столб 3. Правилниците се однесуваат на следните 4 мерки: Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“), посебна финансиска поддршка за микро претпријатија, финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за подобрување на иновативноста, како и зафинансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.
Во исто време, Владата на Република Македонија ќе формира работна група за следење на реализацијата на мерките од столб 3 од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија, составена од Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Фондот за иновации и технолошки развој, Министерството за економија, Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на северо-западна Македонија.
На предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата, министрите ја прифатија предлог – иницијативата за формирање „Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во Република Македонија;“, при Владата на РМ.
Оваа обврска произлегува од Меѓународната Конвенција на ОН за заштита на правата на лицата со попреченост, која Република Македонија ја има ратификувано во 2011 година.
На седницата на владата беше разгледана и прифатена информацијата за Правилник за општите и посебните барања за безбедност на храната во однос на максимално дозволените нивоа на резидуи од пестициди во или врз храната и храната за животни од растително и од животинско потекло.
Владата на РМ на својата 64 редовна седница го разгледа и го усвои конечниот извештај за извршена ревизија на успешност, односно ефективност на единиците на локална самоуправа во годишното планирање и реализација на годишниот план за јавни набавки.
На предлог на Министерството за образование и наука, Владата го прифати Предлог-закон за поддршка на млади при купување на музички инструменти. Законот предвидува министерството да врши поврат на дел од исплатените средства за купен музички инструмент во висина од 75% од исплатените средства, но не повеќе од 100.000 денари по инструмент, за купени 25 музички инструменти од страна на редовни ученици запишани во државните средни училишта во кои се остваруваат планови и програми за музичка уметност и во висина од 75 % од исплатените средства но не повеќе од 100.000 денари по инструмент, за купени 25 музички инструменти од страна на редовни студенти запишани на државните високообразовни установи каде се остваруваат студиски програми од областа на музиката.
Министерството за образование на денешната седница доби и одобрение за отпочнување на постапки за јавна набавка за склучување на повеќегодишни договори за изградба и надзор над изградба на ново училиште во место викано Љубош во општина Студеничани.
Министрите на денешната седница ги прифатија двете информации на Министерството за здравство, односно информацијата, со акциски план, за Проектот Реконструкција на ЈЗУ Општа болница - Струмица“, како и информацијата, со акциски план, за Проектот за изградба на Регионална клиничка болница Штип.
На денешната владина седница беа прифатени 3-те предлог –закони за изменување и дополнување на законите за кредитно биро, за ревизија и за хартии од вредност. Измените на сите три закони се во насока на подобрување на Doing Business индексот на Република Македонија.
Министрите исто така, ја разгледаа и ја усвоија Информацијата за поведување постапка за склучување Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Република Албанија за основање Културно-информативен центар на Република Македонија во Тирана и Културно-информативен центар на Република Албанија во Скопје.
Владата на денешната седница донесе одлуката за давање на согласност на Јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање. Исто така, Владата донесе решение за формирање на Комисија за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари.