Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска ја започна официјалната посета на Соединетите Американски Држави со учество на тркалезната маса организирана од американскиот Атлантски совет на тема „Балканот и членството во НАТО низ призмата на Македонија: Високи влогови во однос на глобалната безбедност и судбината на демократијата во една мала земја“.
На тркалезната маса, министерката Шекеринска зборуваше за Балканот и предизвиците со кои се соочуваше во минатото, за политичката криза во Македонија и новите реформски процеси, како и враќањето на земјата на патот кон евроатлантските интеграции.
„Овие 10 месеци сериозно се фокусиравме на домашните реформи и на подобрување на добрососедските односи. Се насочивме на прашања кои беа во сржта на евроатлантската интеграција – слободни медиуми, владеење на правото, меѓуетнички односи, отпорност на институции“, рече министерката.
Навраќајќи се на настаните во Собранието кои се случија на денешен ден минатата година, Шекеринска рече дека лани на 27 април Македонија го допре дното. „Настанот можеше целосно да излезе од контрола и се закануваше да ја однесе државата на чекор до граѓанска војна. Ние имавме оформено мнозинство во парламентот и сите очекуваа да биде избрана нова, реформски ориентирана влада, кога луѓето што сакаа се да остане по старо видоа дека насилството им е единствениот начин што им остана. За среќа обидот беше неуспешен“, рече таа.
Како пример за новата реалност и демократските промени, министерката го спомена медиумскиот пејзаж и видливите подобрувања во оваа област. „Ние сме новата ѕвезда на последниот извештај на Фридом хаус, кој вели ’Македонија ја има најголемата шанса за демократски пресврт во Европа’. За прв пат по 2010 година ние гледаме подобрување во секој од критериумите. Медиумите се слободни да изберат кого ќе критикуваат, вклучувајќи ја и Владата, но ова е како демократијата треба да изгледа“, рече министерката.
Шекеринска посочи дека Владата вложува многу во односите со соседите, споменувајќи го договорот за добрососедство со Бугарија кој се потпиша за помалку од два месеци по изборот на Владата. „Овој договор отвори огромни можности за двете страни. И Македонија и Бугарија се презентираа како земји кои се зрели и заинтересирани за иднината и земји кои се однесуваат европски“, рече министерката. Таа додаде дека тоа резултирало со самодоверба Владата да се вклучи во решавање на клучниот проблем во односите со Грција – името, со јасна одлучност да се обиде да најде решение на ова долгогодишно прашање.
Министерката се осврна и на реформските процеси во одбраната и Армијата. „Оваа Влада покажа дека е одлучна да ги смени тенденциите - оваа година го зголемивме нашиот одбранбен буџет за 15 посто, ги зголемивме платите за целиот воен персонал за 10 проценти, донесовме одлука од 2019 година да го зголемуваме буџетот годишно за 0,2 процентни поени и го зголемивме нашето учество во Авганистан за 20 проценти“, истакна министерката.
„Ние бараме од вас да ја поддржите Македонија да добие покана за членство во НАТО оваа година, зашто еден таков пробив може да има позитивно влијание, кое ќе создаде една нова надеж на Балканот“, заклучи Шекеринска.
Атлантскиот совет е една од највлијателните тинк-тенк организации во САД и важен форум за дискусии поврзани со економските и политички промени кои го дефинираат 21 век, кој има свое влијание врз креаторите на политики и одлуки во САД. Тркалезната маса ja организираше Иницијативата за трансатлантска безбедност, како дел од Атлантскиот совет, а ја модерираше нејзиниот претседател Магнус Норденман.
Шекеринска имаше средби и со конгресмените Дејвид Прајс, демократ од Северна Каролина и Питер Роскам, републиканец од Сојузната држава Илиноис, како и со Елизабет Обеги, советничката за надворешна политика на сенаторот од Сојузната држава Аризона, Џон Мекејн. Министерката ги образложи владините реформи вклучувајќи го и напредокот во реформите во одбраната, препораката за отворање на преговорите со ЕУ и демократските процеси во Македонија како и напредокот во меѓуетничките односи во земјата. Претставниците од американскиот Конгрес ја потврдија поддршката за членството на Македонија во НАТО и ЕУ и ги истакнаа стабилноста, безбедноста и развојот на демократијата во Македонија како значајни за регионот.
Во текот на денешниот ден, министерката Шекеринска ќе има одвоени средби со заменик – помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер како и со високи претставници на Стејт Департментот.