Во рамки на денешната 66-та седница на Владата на Република Македонија министрите ќе ја разгледаат Предлог-одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата за 2019-та година и тоа:
- развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните;
- Република Македонија - членка на НАТО и ЕУ;
- одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата;
- јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа;
- реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија;
- реформи во правосудството;
- целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија.
На предлог на Министерството за труд и социјална политика, на дневен ред на седницата се Предлог-законот за изменување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и Предлог-законот за приватни агенции за вработување.
Дел од точките на 66-тата седница се Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градежни производи, предложен од министерството за економија и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка, предложен од Министерството за финансии.
На дневен ред на денешната седница се и информациите за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот за иницијативи за склучување на билатерални спогодби, меморандум за разбирање и соработка во воздушниот транспорт со воздухопловните власти од ЕУ и од светот.
Како точки за информирање, министрите ќе го разгледаат извештајот за реализација на средства од програмите за финансиска поддршка во земјоделството, руралниот развој и рибарство со аквакултура за 2017-тата година.
На предлог на Министерството за надворешни работи ќе бидат разгледани предлозите за отворање на почесни конзулати на Република Македонија во Турција со седиште во Едрене, и во Казахстан, со седиште во Алмати, со предлог одлука.
Пред министрите денеска ќе се најде и Информацијата во врска со реализираните и планираните активности за искористување на можностите на Зелениот климатски фонд за периодот од октомври 2017-та до март 2018-та година.
Почетокот на 66-тата седница на Владата на Република Македонија е предвиден во 12:00 часот.