Средба на министерот Кралев со претседателот на Европската академија на науките и уметностите

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска во Скопје имаше  средба со претседателот на Европската академија на науките и уметностите (ЕАНУ) Феликс Унгер, на која присуствуваа Радмил Поленаковиќ, член од Македонија во ЕАНУ, и Момир Поленаковиќ, претставник од Македонската академија на науките и уметностите.

- Беше изразено задоволство од досегашната соработка помеѓу МАНУ и ЕАНУ, со надеж дека таа ќе се интензивира во иднина и со потпишување меморандум кој би придонел и за поголема соработка со други образовни институции во државата, информира Министерството за образование и наука.

Министерот Кралев истакнал дека МОН максимално ја поддржува соработката на македонските високообразовни институции и МАНУ со Европската академија на науките и уметностите и очекува поголем број македонски академици да станат нејзини членови. Во моментов девет академици од Македонија членуваат во ЕАНУ, чие седиште е во Салцбург.  

Проф. Унгер, пак, ги поканил студентите од Македонија да аплицираат  на Европскиот универзитет, оформен во склоп на Академијата.