Министерката за труд и социјална политика Мила Царовка денеска го посети новиот наменски адаптиран простор за детска градинка во ООУ „Рампо Левката“ подрачно училиште во Општина Прилеп. МТСП во рамките на својот буџет обезбеди средства во износ од 1.642.176,00 денари за опремување на овој простор.
Во Општина Прилеп континуирано се забележува недостаток на капацитети за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. За таа цел, Министерството за труд и социјална политика во соработка со општината заеднички пристапија кон решавање на оваа ситуација со адаптирање на простор во кој ќе се згрижуваат до 100 деца од предучилишна возраст.
Се работи за објект од 331 м2, со посебен влез, 4 занимални, дистрибутивна кујна, 4 санитарни простории за деца, санитарна просторија за возрасни, кујна, ходник, просторија за вработени, соба за изолација и пацио/внатрешен двор.
„Главната задача која ја имаме наследувајќи еден разрушен систем е да ги зголемиме капацитетите преку изградба и адаптација на објекти. Многу ме радува што се интензивира отворањето на нови капацитети за згрижување на деца, што значи дека ги гледаме резултатите од нашата посветеност за остварување на Програмска цел на оваа Влада - да се зголеми офатот на деца во предучилишно образование за 50% до крајот на мандатот“, изјави Царовска.
Градоначалникот Илија Јованоски дополни дека капацитетите ќе се зголемуваат и во наредниот период. „Во постапка е изработка на проектна документација за изградба на градинка во населбата „Точила“. Се надевам дека до крајот на оваа година документацијата ќе биде комплетно изработена и дека следната година ќе ја изградиме градинката. Сакам да напоменам и дека две компании од нашиот град бараат дозвола и законска можност, заедно со Општината да изградат детски градинки за потребите на нивните вработени“.