Човечкото општество е изградено врз основа на принципот на натпреварот помеѓу поединци и меѓу општества – рече Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на денешното отворање на Гимназијадата во Тетово.
Поздравувајќи ги присутните ученици од повеќе средни школи во Македонија, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, директорот на Агенцијата за млади и сорт, Дарко Каевски, пратеници, спортисти и спортски работници, тој додаде:
Повисоко, подалеку, побрзо, посилно. Тоа се стремежите на спортистите, тоа се и стремежите и на нашето општество.
Драги ученици, почитувани спортисти, наши деца, добар ден.
Присуството и отворањето на секој спортски настан, ми претставува посебно задоволство, затоа што во секоја таква прилика гледам дополнителен мотив за Владата која ја предводам да остане посветена на здравјето на граѓаните преку активно унапредување и збогатување на спортските политики.
За нас како влада, но и како луѓе пред се, развојот на спортот и спортските навики е главното оружје со кое сакаме да го заштитиме здравјето на граѓаните од сите возрасти, социјални групи и средини.
Спортот има многу важна улога во поттикнување на социјалната интерактивност, проактивноста, во градење толерантни и отворени заедници, кои во големата слика прават едно заедничко општество. Едно општество за сите.
Системската поддршка на спортот од страна на државата исто така е клучна и за остварувањето на високи спортски резултати, за обезбедување достоинствени услови за живот и работа на спортистите и спортските работници.
Затоа училиштата ни се од исклучителна важност во намерата да инвестираме, со сите расположливи ресурси и капацитети во развојот на спортската инфраструктура и условите за спортувањето како начин на живот, во Република Македонија.
Спортските навики се доблести. Дисциплина, тимска работа, почит, лидерство, солидарност.
Поради тоа, и многу други причини, Владата создава услови за зголемен број на часови по спорт во основните и во средните училишта.
Го враќаме спортот во училиштата со креирање спортски систем со кој ќе се започне со натпревари и активности од класните и меѓу-класните натпревари во училиштата, завршувајќи со национален систем на натпревари со учество на училишни победници и репрезентации од секоја општина во сите степени од образованието.
Ги поддржуваме и Националните спортски федерации во креирањето современ, национален систем на натпревари и ја почитува самостојноста на Федерациите, затоа што во духот на спортот, за нас тие се екипа.
Драги деца, спортисти, почитувани професори и спортски работници.
Со апел за спортски фер-плеј и натпреварувачки дух, ви посакувам успешна игра, и силна заедница.
Ја прогласувам оваа гимназијада за отворена.