На денешната седница на Влада беше донесена програмата за измени и дополнувања на Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) којашто покрај пензионерите ќе ги опфати и лица до 18 годишна возраст на семејства корисници на социјална парична помош во Република Македонија за 2018 година.
На предлог на Министерството за транспорт и врски, владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од подобрување на состојбата на општинската патна мрежа. За таа цел владата задолжи повеќе институции меѓу кои и Јавното претпријатие за државни патишта да изготви детална анализа и преглед на рехабилитирани општински патишта со помош на средствата од заеми, одобрени за таа намена. Исто така ќе се изготви и преглед на годишните износи на финансиските дотации до единиците на локална самоуправа наменети за одржување на општинските патишта за последните десет години.
На седницата задолженија добија и ЗЕЛС во соработка со општините и Министерството за локална самоуправа да изготват анализа на состојбата со општинските патишта и преглед на општински патишта во лоша и многу лоша состојба, во кој ќе вклучат приоритети.
По добивањето на овие анализи Министерството за транспорт и врски ќе достави акциски план за подобрување на состојбата на општинската патна мрежа.
Министрите ги усвоија конечните извештаи за извршената ревизија на финансиското работење за 2016 година на Јавна здравствена установа Институт за јавно здравје и Институт за медицина на трудот. Владата ги испрати двата ревизорски извештаи до Основното јавно обвинителство.
Владата на денешната седница го разгледа и прифати усогласениот текст на Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Канада за меѓувладини трансакции, вклучувајќи набавка на безбедносна и сигурносна опрема, обуки и услуги.
На денешната седница како материјали за информирање беа разгледани Извештајот за реализација на Програма за конкурентност, иновации и претприемништво, информацијата за здравствената состојба на шумите во Македонија, како и годишниот извештај на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција за 2017 година.
На седницата беше усвоена информацијата за отворање на Канцеларија за соработка со дијаспората во Општина Штип во согласност со Програмата за работа на Владата за 2018 година.
На денешната седница Владата на Република Македонија го именуваше Дарко Радевски за член на Одбор на директори на АД Водостопанство.
Владата на донесе Решение за формирање на Комисија за спроведување на реформи во пензискиот систем којашто ќе биде должна да ја информира Владата на Република Македонија за текот на спроведување на активностите за имплементација на истите.