Честитка од премиерот Никола Груевски по повод Богојавление-Водици

Ваше блаженство,

Дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, Вам лично, на Вашето свештенство и на сите православни верници во Република Македонија, да Ви го честитам големиот христијански празник – Богојавление Водици.

Денот на богојавлението сведочи за човекољубието и милосрдието на Бога, и за патот кој води до вечниот живот и заедницата со Бога. Славејќи го Христовото крштевање го прославуваме нашето духовно раѓање и нашата вера. Тоа е настан што не поттикнува да се пронајдеме во верата и да го сочуваме и продолжиме Христовото учење за богоугоден, мирен и спокоен живот, за покајанието и прочистувањето, за љубовта помеѓу луѓето, трпението и милосрдието, за создавателството и вредностите.

На овој голем богојавленски празник да празнуваме и да се радуваме на денот кога со осветувањето на водите се осветли човековиот живот, и да веруваме дека верата и вербата се нашата најголема сила за да се издржат сите предизвици и искушенија, и се единствениот пат кон нашите успеси и напредокот.

Да си посакаме покрстената вода да ни даде нова сила за нови дела, да ни го засили духот и системот на вредности, да ја прочисти човековата душа и да ги зближи луѓето, да се обединиме и сплотиме во вредностите и мислите, и да се помолиме Бог да ни дарува благодет и да ги осветли срцата и душите на многубројните македонски верници.

Нека ни е честит и вековит, големиот христијански празник!

 

 

Никола ГРУЕВСКИ