Вчера попладне, во Македонската опера и балет, Агенцијата за иселеништво на Република Македонија на свечена промоција ги презентираше трите нови проекти кои се од суштинско значење за иселениците од Македонија во дијаспората.
Со изработката на Прирачникот за иселениците, Сликовница за изучување на мајчиниот јазик за децата на иселеници во дијаспората и новата веб страна, Агенцијата за иселеништво овозможи реализација на потребите, целите и барањата на иселениците во земјите во коишто живеат, работат и организирано дејствуваат.
При изработка на трите проекти, Агенцијата за иселеништво доби поддршка и од соодветните институции и Владата на Република Македонија. Исто така, треба да се нагласи дека взаемната соработка со министерот задолжен за дијаспора, во Владата на Република Македонија, Едмонд Адеми, ги даде очекуваните резултати за подобрување на соработката со иселениците и иселеничките организации во целиот свет.
Министерот задолжен за дијаспора во Владата на Република Македонија, Едмонд Адеми, во своето обраќање, по овој повод, посочи дека му претставува посебна чест отворањето на оваа промоција и претставувањето на трите проекти реализирани од Агенцијата за Иселеништво, и тоа: прирачникот за иселениците којшто ќе им помогне на иселениците да се запознаат со своите права и обврски во нивната матичната земја; Сликовница за изучување на мајчин јазик, којашто пак дава можност на многу креативен, лесен и забавен начин децата на иселениците од земјата да се запознаат и да го научат јазикот на нивните родители, и секако новата веб страна на Агенцијата за иселеништво, за исцрпување на сите информации за нивните потреби.
Министерот Адеми нагласи дека нема поголема заштита и промоција на сопствениот национален, културен и јазичен идентитет од тоа кога една Влада се грижи за новите генерации, родени надвор од Македонија, да овозможи на овие генерации да им го зближи знаењето и учењето на мајчиниот јазик. Токму тоа оваа Влада го прави, и ќе продолжи да го прави во наредниот период со конкретни активности.
Министерот Адеми посочи дека Иселениците се лојални граѓани во земјите во коишто живеат, творат и работат, но истовремено се и мост на поврзување меѓу Република Македонија и земјата на престојот. Истовремено тие треба да бидат горди на земјата на нивото потекло бидејќи во континуитет ќе ја имаат поддршката од Владата на која можат да се потпрат.
Воедно, се нагласи дека Агенцијата за иселеништво со оваа промоција ги приближи активностите, дејноста и причините за кои што постои и функционира како важна државна институција.
Во своето обраќање, директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов, во својот говор посочи дека со овие клучни проекти се нагласуваат активностите на Агенцијата, со единствена цел да се постигне препознатливост при преземените обврски и нејзиното работење.
Во таа насока, објасни дека Агенцијата изработи соодветна Илустрирана азбука во печатена и дигитална форма, како помагало за изучување на мајчиниот јазик, наменета за децата на иселениците, при што Сликовницата е во изработка и издавништво на Агенцијата, којашто на илустративен начин допира до најмладите и создава здрава основа за изучување на мајчиниот јазик. Исто така, нагласи дека и останатите два проекти, Прирачникот за иселеници и веб страната на Агенцијата, се во духот за информирање и приближување на работата на Агенцијата до иселениците, а истите се изградени согласно актуелните законски прописи во земјата, сегашните општествени, политички и економски состојби како и во насока на можните идеи, планови и соодветни решенија.
Според Шалваринов, Прирачникот за потребите на иселениците на јасен и недвосмислен начин ги појаснуваат правата, обврските и потребите коишто можат да ги остварат иселениците од Македонија. Инаку, ребрендирањето на веб страната, се овозможува лесен пристап до минатите, идните и моменталните активности на Агенцијата, давајќи соодветна слика за работењето коешто е од клучен интерес и за иселениците и за државата.
За првпат по многу години иселениците од Македонија добиваат вистински патоказ за начинот за остварување на своите права, посочи во своето обраќање пред присутните директорот на Агенцијата, Шалваринов.
За оправданоста и реализацијата на овие проекти од страна на Агенцијата, во своето обраќање на промоцијата, професорката Верица Јанеска од Економскиот институт во Скопје, посочи дека преку Прирачникот за иселеници ќе им се доближат потребните информации и податоци за остварување на правата во матичната земја, додека пак Сликовницата на модерен и лесен начин ќе го доближат мајчиниот јазик до најмладите генерации на иселеници во дијаспората.
Воедно, професорката Јанеска посочи дека новата веб страна ќе биде прозорец за активностите, случувањата и идните активности на Агенцијата кон иселениците од Република Македонија.