Владата на денешната седница го усвои предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со којшто се намалува старосната граница за пензионирање на рударите.
Откако министерството за труд и социјална политика ќе го достави законот и истиот ќе биде изгласан во Собранието на Република Македонија, рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија и со навршување на 40 години стаж за мажи и 35 години пензиски стаж за жени.
На 88-мата седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата, како и Акцискиот план за отворено владино партнерство 2018-2020 година. Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација да формира работна група со сите чинители за имплементирање на националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, најдоцна до 30 септември 2018 година.
Инаку Владата на Република Македонија до сега има усвоено три акциски планови во 2012-та, 2014-та и во 2016-та година за соодветните двегодишни периоди. Четвртиот Национален Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, вклучува широк спектар на активности кои Владата ќе ги преземе во следните две години се со цел да се зајакнат, продлабочат и прошират напорите за унапредување на транспарентноста на власта, подобрување на ефективноста на институционалните механизми за пристап до информации, пристап до правда, фискална транспарентност, управувањето со податоците и чувањето регистри во државните и во јавните институции, како и зголемување на стандардите за интегритет и поголем пристап до технологија за сите граѓани на Република Македонија.
Имајќи предвид дека за неколку месеци завршува националната стратегија за деинституционализација 2008–2018, министрите денеска ја прифатија и новата Национална стратегија за деинституционализација во Република Македонија за 2018–2027 симболично насловена „Тимјаник“.
Новата Национална стратегија за деинституционализација го проширува фокусот и нуди сеопфатен преглед на социјалните услуги во тековниот контекст. Стратегијата ги претставува визијата, целите, стратешкиот пристап на Владата и дејствата што треба да се преземат и подобрат при спроведувањето на преминот од институционална грижа кон систем за социјална грижа во семејството и заедницата со поддршка од социјалните служби. Во моментов во институции се сместени вкупно 2 358 лица.
Како материјал за информирање, министрите денеска го разгледаа и го прифатија Извештајот за степенот на реализација на програмата на Владата на Република Македонија од јануари до јуни 2018-та година. Во овој период според годишната програма за работа на Владата за 2018 биле предложени вкупно 322 иницијативи, од кои 99 закони, а останатите биле акти и материјали по кои одлучува Владата.
Исто така, Владата го задолжи Генералниот секретаријат да предложи мерки за воспоставување електронско следење на Програмата на Владата.
На редовната 88-ма седница Владата ја прифати и програмата за изменување на програмата за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри согласно со мрежата на здравствени установи за 2018-та година.
Програмата е изготвена врз основа на податоците и консултациите со јавните здравствени установи во Република Македонија, кои потоа беа предмет на детална анализа за потребите од здравствениот кадар во сите јавни здравствени установи.
Реализација на оваа програма за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадар, ќе овозможи обезбедување на потребниот број стручни кадри за нормално, квалитетно, ефикасно, континуирано, ефективно и рационално вршење на здравствените услуги во јавните здравствени установи.
На седницата Владата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата за изработка на планска и проектна документација за потребите на Министерството за економија.
Владата го задолжи министерството за транспорт и врски да подготви и во рок од три дена до Владата да достави предлог за изменување и дополнување на годишната програма за финансирање на изработката на урбанистички планови, регулациони планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко - планска документација и урбанистичко - проектна документација, со плански и проектни документации за инфраструктура, за потребите на министерството за економија за изградба на електроцентрали од обновливи извори на енергија.