Од 83 - тата седница на Владата на Република Македонија: Планот гаранција за млади дава добри резултати; Донесени нови мерки за поддршка на земјоделството; Започнува постапка за избор на универзален снабдувач со струја

На денешната седница Владата на Република Македонија го разгледа извештајот за текот на имплементација на Планот за гаранција за млади - пилот фаза за 2018 година.

 

Во досегашниот период на имплементација на младинската гаранција во 3 општини, почнувајќи од Март, 2018, остварени се следните резултати: Вкупен број на вклучени млади: 1.770, од нив 855 женски и 915 машки.

 

Од нив веќе се вработени 518, а останатите се вклучени во други мерки како практиканство, обука на работно место, обуки за побарувани занимања на пазарот на труд, обуки за напредни ИТ вештини.

 

Република Македонија е единствената земја во регионот, која не е членка на Европската Унија, а започна со имплементирање на програмата „Гаранција за млади“, како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе; Во земјите членки на ЕУ оваа програма успешно се имплементира од 2012 година. Партнер во имплементацијата е Националниот младински совет .

Министрите на седницата ги прифатија предлог – измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2018 -та година. Со овие измени, по 2 денари субвенција за килограм, ќе добијат регистрираните откупувачи и трговците кои до 15 септември годинава ќе откупат индустриски сливи за најмалку пет денари или свежи сливи по минимум осум денари.

 

Владата исто така, ги разгледа и ги прифати извештајот за преземени мерки и активности за 2017-та година, како и оперативниот план за 2018-та година за спроведување на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година.

 

Владата го задолжи Национално Координативно тело за следење и евалуација на имплементацијата на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година, да обезбедува механизми за координација на регулирањето и практикувањето на политиките кои што директно или индиректно ги засегаат старите лица, со цел поедноставување на акциите и мерките во одделни сектори и на одделни нивоа.

 

На денешната 83-та седница Владата донесе одлука за започнување на постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија. Канцеларијата на Претседателот на Владата, Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и Министерството за економија се задолжени да номинираат по еден член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач.

 

Исто така, Владата им укажа на Регулаторната комисија за енергетика и на МАНУ, да номинираат по еден член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката во рок од 3 дена од денот на донесување на одлуката.

 

Согласно денешната одлука, Комисијата е должна во рок од 14 дена, до Владата на Република Македонија на усвојување да го достави јавниот повик и тендерската документација

 

Заради остварувањето на правото на сите домаќинства и мали потрошувачи да се снабдуваат со електрична енергија со утврден квалитет по разумни, јасно споредливи, транспарентни и недискриминаторни цени, Владата на Република Македонија избира универзален снабдувач кој истовремено ќе ја врши и дејноста снабдување во краен случај. Целта на оваа постапка е остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија, односно да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување.

 

На предлог на Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Владата на седницата донесе одлука да го разреши Лазо Велковски од позицијата директор на Бирото за јавна безбедност.

Како материјал за информирање, министрите го разгледаа извештајот на независниот ревизор за извршена ревизија на работењето на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош за периодот од 1 јануари до 31 декември 2017 -та година. Според извештајот на независниот ревизор, финансиските извештаи, во сите материјални аспекти, реално и објективно ја прикажуваат финансиската состојба на ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош.

 

На редовната 83-та седница Владата на Република Македонија донесе и одлука да  спроведе кампања од јавен интерес за референдумот.

Исто така, Владата ги задолжи сите министерства и другите органи на државната управа, во рок од 3 дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата коишто ги имаат на располагање, а кои би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.